Одлична атмосфера на отворањето на „Синедејс М“
На проекцијата на „Македонскиот рокенрол“ во киното „Фросина“ се собраа македонски музичари од сите генерации
Сунчица Уневска
Прексиноќешното отворање на Интернационалниот музички филмски фестивал „Синедејс М“ во Младинскиот културен центар помина во одлична атмосфера. Неформално, симпатично, во знакот на рокенролот и со посвета на сите фатални жени или прекрасни актерки кои ја одбележаа филмската уметност, а кои како најавна шпица одеа на екранот во киносалата „Фросина“. Во тој стил беше и присуството на петте атрактивни девојки на бината, кои седеа долу и на суптилен начин бираа детали, се занимаваа со својот изглед и се подготвуваа за претстојниот настан. Едната од нив рече дека ова не е кабаре, туку пред се', забава. Така рече и Владимир Петровски Картер, селекторот на оваа програма, кој го најави четиридневното интензивно дружење со еден интересен избор на музички документарци, но и со свирки и концерти веднаш после тоа. Киносалата „Фросина“, но и фоајето беа преполни, а во салата владееше еуфорија кога се појави Картер, бидејќи мора да се признае дека неговиот шарм сигурно во голем дел и беше заслужен за ваква посетеност и прием на овој прв фестивал од ваков вид.
Фестивалот, во рамките на кој ќе се натпреваруваат 12 музички филмови, започна со документарниот филм токму на Картер насловен „Македонскиот рокенрол“, на кој тој работел цели две години. Во знакот на филмот, кој се навраќа на македонската рок музика од 1960-тите години до денес, на отворањето беа присутни македонските музичари и нивни фанови од сите генерации, што му донесе едно посебно чувство на овој настан. Што се однесува до филмот, тој навистина почнува добро и има добра атмосфера, барем некаде до половината. Бидејќи, колку што е скапоцен и фантастичен еден ваков преглед на македонската музичка сцена, сепак, Картер премногу го разводнил и во него ставил се' и сешто. Штета, затоа што самиот ваков преглед нуди една извонредна паралела, и музичка и социјална и историска, и отвора многу прашања. Едното од нив, доста забележливо, на пример, беше особениот однос кон музиката, кон инструментот, свеста за времето и рефлексијата, љубовта и посветеноста со која, особено повозрасните музичари зборуваа за тоа што го работат, за разлика од помладите кои се првенствено полни со себе. Има тука многу аспекти, многу интересни размислувања, исклучителен поглед на времињата, на психологијата и на влијанието на сето она што се случувало на светската музичка сцена, кои сами по себе се наметнуваат. Но, Картер нема да успее да извлече некои теми и да му даде на сето ова поголема тежина, па освен добрата атмосфера и значењето на оваа филмска музичка хронологија, прва од ваков вид, филмо�� не нуди повеќе.
Инаку, денеска е веќе втор ден од фестивалот, на кој секојдневно се прикажуваат по три филма кои се во главната натпреварувачка програма. Денеска во 18 часот ќе може да се види ирскиот филм „Вокс хумана“ на ветеранот Боб Квин, во кој играат вистинските „Galway Baroque Singers“. Од 20 часот е „Тркалајќи се како Стоунси“ на Стефан Берг и Магнус Гертен, кој освен што се навраќа на златното време на поп-музиката, и се фокусира на оние кои неа ја живееле и кои остареле со своите соништа. А како последен (од 21,30 часот) ќе се прикаже австрискиот „Живот во лупови“ на Тимо Новотни, една нова форма на документарец, но и поглед на метрополата на сосем поинаков начин. |