Градоначалниците добија опозиција во советите
Наместо да се работи заеднички за доброто на општините, работата се претвори во политичка пресметка
Катица Чангова
Вонредните избори за пратеници и наближувањето на изборите за градоначалници и советници предизвикаа серија прегрупирања на политичките сили во општините. Или, сето она што се случи на политичката сцена на централно ниво, од формирањето нова коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ преку расцепувањето на неколку крила во НСДП, ЛП, ДПА до згаснувањето на ВМРО-НП, директно се рефлектира на локално ниво. Токму од овие причини моментно локалната самоуправа се соочува со апсурдна ситуација: градоначалниците, наместо партнери за комуникација и соработка, во советите да имаат опозиција.
Блокадите и опструкциите на седниците стануваат секојдневје, на пример, во утврдувањето на дневните редови, во повеќекратните обиди да се изгласаат точки кои имаат технички карактер, во уривањето на проектите што се од интерес за граѓаните.
„Опасен и погрешен тренд е силното влијание на политичките партии на локално ниво. Тоа особено се чувствува по предвремените парламентарни избори кога во повеќе совети се изгуби мнозинството откако некои членови преминаа во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Апсурдно е тоа што на тие совети, наместо да им биде приоритетно како да го подобрат квалитетот на услугите за граѓаните, станаа опозиција на градоначалниците“, изјави градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
Тој тврди дека Советот на Велес по секоја цена и во секоја пригода сака да ги девалвира потезите на градоначалникот. „Политичката култура оди во погрешна насока. Најголемата трагедија е што се прави тоа наопаку и на штета на граѓаните. Мора да се смисли нешто итно, бидејќи Општината ќе се блокира“, коментира Коцевски.
Советот на Велес го бојкотира градоначалникот. И вчера не беа изгласани одлуките за подигнување спомен-обележје „Патека на знаменити велешани“ и спомен-обележје „Рекоа за Рацин“. Владејачкото мнозинство во Советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ вели дека нема да изгласа ниту една одлука што ќе се однесува на новата фонтана се' додека градоначалникот Коцевски на увид не им ја достави целокупната документација за изградба на фонтаната.
Со овие одлуки требаше годините на раѓањето и смртта на знаменитите велешани да бидат напишани на гранитни плочи, во форма на ѕвезда и да бидат по��тавени на „Патеката на славните“. Покрај ова, на ѕидовите лево и десно од фонтаната требаше да бидат испишани изјави на истакнати личности за Рацин. Не беше поддржана ниту иницијативата младинскиот парк да го добие името „Тоше Проески“.
Тензиите на релација градоначалник на Скопје и претседател на Совет на градот околу проблемот со именувањето членови и претседатели на управните одбори на јавните претпријатија се зголемуваат. Трифун Костовски вчера упати писмо до Ирена Мишева, во кое со жалење констатира дека таа одбила да ги земе предвид неговите добронамерни забелешки за кршење на Законот за спречување судир на интереси и Законот за спречување на корупцијата. Градоначалникот на Скопје истакнува дека очекувал од Мишева „со минимум политичка волја да ги дочека наодите на Антикорупциската комисија“.
Градоначалникот на Општина Неготино, Ѓорѓи Ќимов, реагира поради упад во неговите ингеренции во делот на образованието директно од министерот за образование и наука, Перо Стојанов. Тој тврди дека министерот направил комплетна смена на училишниот одбор во Основното општинско училиште „Гоце Делчев“ во Неготино. Ќимов вели дека министерот и Министерството на овој начин директно се мешаат во неговите ингеренции.
„Ќе реагирам до ЗЕЛС. Мора да има силна причина за ваквиот упад“, вели Ќимов.
Реагира и директорката на училиштето, според која министерот направил законски прекршувања со ваквата постапка. Таа најави дека од училиштето ќе биде испратено протестно писмо до министерот. Едно од 12-те решенија на министерот Стојанов имало само негов потпис, а не и печат од Министерството за образование и наука. Нема одговор за ваквиот потег на министерот од надлежниот ресор. Повеќе детали за овој случај ќе добиеме во текот на денешниот ден, ветија од Министерството за образование.
Оној што е на власт ја покажува власта во форма на закани и притисоци „или бидете со нас или ќе има парализа“, коментираат опозициски градоначалници. Тие тврдат дека имаат сопирачки на секој чекор, а стихијноста во работењето создава проблеми.
„Не можеме да се договориме за систематизација на работните места“, потенцира Лефкија Гажоска, градоначалничка на Крушево. Таа нагласува дека на седниците на Советот постојано се симнуваат одлуки од дневен ред, а дека на една точка се враќаат и по десетина пати. „За непочитување на законите се предвидени казни само за градоначалник, а не и за совет. Се прави се' само за да се докаже дека градоначалникот не може и дека градоначалникот не знае да работи“, коментира Гажоска.
Градоначалникот и Советот на Кочани се во кохабитација откако во изминатиот период се случи прегрупирање на мнозинството. Најголеми проблеми има во образованието, вели првиот човек на Кочани, Љубомир Јанев. Советот ги менува училишните одбори на политичка основа, додава кочанскиот градоначалник. „Во работата на училиштата се создаде конфузија. Се отпуштаат наставници, а се примаат други без полагање испит“. Локалните власти во Кочани водат и тивка војна околу Јавното претпријатие „Водовод“. Градоначалникот е тој што избира директор на јавно претпријатие.
(Во изработката на текстот учествуваа и дописниците од Велес и од Неготино) |