Седница за распуштање на Собранието, сепак, ќе има
Иницијативата на опозицијата за распуштање на парламентот и распишување предвремени избори ќе биде на пленарна седница в понеделник, 13 декември. Од Кабинетот на собранискиот спикер Трајко Вељаноски најавуваат дека измените на Изборниот законик што ги предлага СДСМ ќе бидат ставени на првата наредна седница на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ веќе го одбија барањето за вонредни избори, така што е извесно дека предлогот на опозиционерите нема да помине во парламентот.
Според пратеникот од ЛДП, Андреј Жерновски, ВМРО-ДПМНЕ има крајно неиздржлив и неаргументиран одговор на барањето на СДСМ за вонредни избори. „Тоа е несериозен одговор на еден несериозен предлог. ЛДП како опозициска партија ќе ја поддржи иницијативата за предвремени избори. Ние сме подготвени веднаш да одиме на избори“, изјави Жерновски.
За Сулејман Рушити од Нова демократија одлуката на ВМРО-ДПМНЕ, на која и' претходеше одлуката на ДУИ да нема избори, потврдува дека владејачките партии сами не им веруваат на рејтинзите за поддршка. Сафет Незири од ДУИ повтори дека неговата партија е за забрзување на процесите за евроинтеграција на Македонија и НАТО. „Мислиме дека предвремените избори ќе придонесат за губење време на Македонија и забавување на сите евроинтеграциски процеси“, изјави тој. (П.Р.) |