Ексдиректорот на Фондот за здравство ќе одговара за несовесно работење
Според обвинението, на директорката на „Градски аптеки“, Весна Огненоска, ќе и' се суди за злоупотреба
Љубиша Станковиќ
Помина повеќе од една недела кога во скопскиот Кривичен суд е доставен обвинителниот акт за поранешниот директор на Фондот за здравство, Георги Тренкоски, и за директорката на „Градски аптеки“, Весна Огненоска. Според обвинението, Тренкоски ќе одговара за несовесно работење во службата, а Огненоска за злоупотреба на службената положба и овластување. Во меѓувреме, тече рокот за жалби по обвинението, а по решавањето на жалбите, судот ќе го одреди и терминот за старт на судскиот процес што ќе се води за двајцата обвинети.
Според наводите на обвинението, Тренковски додека ја извршувал функцијата директор на ФЗОМ во 2007 година, поради несвесното работење во службата за испорачани лекови, платил двапати, со што била направена штета од 27.764.147 денари. Тренкоски се товари дека првин потпишал договор со Јавната здравствена установа „Градски аптеки“, претставувана од Огненоска, а потоа со Приватната здравствена установа „Градски аптеки“.
Тој како директор на ФЗОМ потпишал договор со ПЗУ „Градски аптеки“ за начин на плаќање на лекови кои паѓаат на товар на Фондот, за март и за април, без претходно да склучи спогодба со која залихата на фондовски лекови од „Градски аптеки“ ќе се пренесат како залиха на фондовски лекови во „Градски аптеки“. Управителката на ПЗУ „Градска аптеки“, Весна Огненовска, се товари дека знаела за двојното плаќање на лековите од ФЗОМ. Таа ги фактурирала истите лекови двапати, а биле доставени до ФЗОМ преку ФЗОМ - Подрачна единица - Скопје. Со двојната наплата државниот буџет бил оштетен за малку повеќе од 450.000 евра. Двајцата обвинети, по нивното приведување пред истражен судија, на втори ноември минатата година, во затворот во Шуто Оризари минаа по 15 дена. |