Летовите од Скопје се редуцирани
„Македонски железници“ го зголеми приходот за 100 отсто
Билјана Ангеловска
Облакот со вулканска прашина и вчера го блокираше авиосообраќајот во поголемиот дел од западноевропските држави. Македонското небо и натаму останува отворено, но со ограничени летови, кои зависат токму од отвореноста на авиопристаништата низ Европа. И додека воздушниот сообраќај во Македонија колку-толку се одвива без поголеми тешкотии, иако е стеснет само на одредени дестинации, дел од европските аеродроми останаа затворени, а дел, пак, само за кратко ги ослободија своите полетно-слетни писти. Затоа во текот на вчерашниот ден беа реализирани едвај околу 30 проценти од планираните летови. Според информациите од Европската организација за безбедност на воздушниот сообраќај, „Евроконтрол“, вчера требаше да бидат извршени од осум до девет илјади лета, наместо вообичаените 28.000 лета. Драстично намалениот број летови е поради фактот што голем број од државите во Европа само делумно го отворија своето небо.
И додека најголем дел од европските авиопристаништа беа отворени само по неколку часа, македонските аеродроми од завчера утрото се отворени. Но, тоа автоматски не значи и решавање на проблемите на патниците кои чекаат да полетаат од Скопје за Европа или, пак, од некој од европските аеродроми треба да пристигнат во Македонија. И покрај отвореното небо над Македонија, домашните аеродроми вчера работеа со минимален капацитет. Така, вчера наутро полета еден авион кон Загреб, на авиокомпанијата „Кроација ерлајнс“, а се реализираа и летовите кон Виена, Љубљана, Загреб, Истанбул и обратно.
Од скопскиот аеродром „Александар Велики“ велат дека состојбата се менува од час во час, поради што не може ништо да се каже со сигурност. Во последен момент се откажуваат и полетувања и слетувања, што зависи исклучиво од тоа дали се отворени или не аеродромите низ Европа.
Од затворените авиопристаништа низ Европа, се чини, ќе има корист железничкиот сообраќај во Македонија. Поради тројно зголемениот број на патници, кои од Грција транзитираат низ нашата земја кон Белград, од каде што се упатуваат кон Европа, приходите на благајните на „Македонски железници“ само во изминативе два дена се зголемени за над 100 проценти.
Според податоците од МЖ, ако во двата воза што влегуваат во Македонија од Белград кон Солун, вообичаено има вкупно 90-ина патници, сега таа бројка е над 300. Конкретно, вчера во возот од Солун за Белград имало 136 патници, додека во други денови едвај по 50-ина.
„Ние немаме наши директни возови, туку само транзитни во кои нашава држава, исто како и Србија и Грција учествува со свои вагони од типот на седечки, кушет и спални. Ја следиме состојбата и доколку се јави потреба, подготвени сме веднаш да додадеме уште еден вагон, и тоа онаков каков што ќе треба“, вели Трајче Тошевски, раководител за Организација во патнички сообраќај при „МЖ - Транспорт“ АД - Скопје и додава дека досега се продавале релати��но малку карти за директна линија кон Германија, но оти сега и за нив има голем интерес, па се продаваат се' повеќе билети за конкретни дестинации.
И од Меѓународната автобуска станица велат дека е зголемен бројот на патниците што одат за Белград, и тоа за околу 20-ина проценти, а за околу 10 отсто е поголем интересот за останатите градови низ Европа. |