Лино Червар наредната недела потпишува со Металург
Еден од најдобрите ракометни стручњаци неофицијално ќе заработува 200.000 евра годишно
Миодраг Мицковиќ
Ракометарите на Металург за новата сезона го добија најголемото засилување во својата богата историја. Го ангажираа еден од најдобрите тренери во Европа, селекторот на хрватската репрезентација Лино Червар кој ќе ги води во претстојното првенство на Македонија и во Купот на европските Куп победници. Лино Червар е сигурно најголемо и најпознато тренерско име во кој било спорт кој досега работел во нашата држава. За неговото име се поврзани сите успеси и освоени медали на најголемите светски натпреварувања на хрватската репрезентација и во најдобриот клуб од оваа држава, Загреб Осигурување.
Тој ќе биде шеф на Стручниот штаб на Металург во кој и натаму ќе останат сегашните тренери Шундовски, Манасков и Бошковски. Наедно, тој ќе има и повеќе семинари и предавања за сите ракометни тренери во Македонија. Лино Червар ќе биде и најдобро платениот тренер во Македонија, поскап и од Среќко Катанец. Колку ќе го плаќа спонзорот на Металург, Минчо Јорданов, останува тајна иако се шпекулира со сума од 200.000 евра годишно.
Меѓутоа, без оглед на парите, Металург навистина доби одличен тренер и има големи амбиции во годинашните настапи во европските купови, во Купот на куповите. Како што самите велат: европски тренер носи и европски амбиции.
Во текот на идната недела Лино Червар ќе допатува во Скопје да се запознае со условите во клубот бидејќи веќе на 27 јули почнуваат подготовките за новата сезона. Во преодниот рок Металург го напуштија Живковиќ и позајмениот Стојановиќ, навјеројатно ќе замине и Јовиќ, но се' уште не се знае каде ќе игра. Повредениот Ванчо Димовски успешно се опоравува од повредата и на него тренерот Червар ќе може да смета веќе од стартот на подготовките. Меѓутоа, ситуацијата со Жмигиќ е покомполицирана, неговата повреда бара подолго лекување.
Во овој преоден рок Металург се засили со тројца одлични ракометари. Тоа се Божидар Маркичевиќ (лев бек) кој играше во Словенија, за Голд клуб и со Душан Миличевиќ, кој настапуваше во Германија. Тој игра на местото крило. Сепак, најголемото засилување на Металург е репрезентативецот Наум Мојсовски, кој до неодамна играше за Вардар Про. Не се исклучува можноста, по доаѓањето на Червар по неговите препораки да биде ангажирани уште некој квалитетен ракометар.
Според планот на подготовките за новото првенство што почнува на 15 септември, ракометарите на Металург ќе имаат обемни подготовки, дел од нив ќе се одвиваат во Рогла во Словенија. Во оваа држава металурзите планираат да одиграат повеќе пријателски средби со Горење, Целје, Требиње...
Инаку, на 21 јули ќе биде познат првиот противник на Металург во Купот на куповите кога ќе се одржи ждрепката во Виена. Металург, според рејтингот што го има, ќе стартува во Купот на куповите од третото коло, на 14 или 15 ноември. Според учесниците во годинашниве натпревари во Купот на куповите, Металург е некаде на осмото место по рејтингот што го има во досегашните настапи во европските купови. |