Женски муабети
Политиката – младешка опсесија
Маринела Тушева
27-годишната парламентарка, четврта по ред според младоста во Собранието
Валентина Тодоровска
За нашата соговорничка, 27-годишната пратеничка Маринела Тушева, врзувањето со политиката, препознавањето на себе си во неа дојде како најспонтана работа на светот. Имаше шест години и вестите на Јутел и' беа навика, нешто што на денешните деца им се сапунските серии. Веројатно поради таа љубов со корени, на нашиот афоризам „политичарите се како пелени, треба често да се менуваат“, веднаш реплицираше со „лошите политичари се одбрани од добрите граѓани, кои не излегле на избори“.
„Тоа со политиката, следењето на актуелните политички настани беше мојата детска, а подоцна и младешка опсесија. Го спомнав Јутел. Се' уште се сеќавам на прилогот за војната во Босна, за убиството на Чаушеску... Вестите ги следеа моите родители, а со нив и јас и веројатно затоа не беа изненадени од мојот ангажман. Додека тинејџерите читаа списанија приспособени за нивна возраст, за мистичната страна на животот, јас ги купував политичките магазини. Со 18 години, со полнолетството, активно се вклучив во политиката“.
Маринела е една од помладите ликови во Собранието или, како што прецизно ни кажа, четврта по ред според младоста. Родена е и живее во Штип, па сосема логично беше да не' запознае со својот роден ��рад. И тука веднаш ја пресече дилемата врзана за вечната трка и прашањето за пастрмајлиите и ривалството со Велес и со Радовиш. Штипските, погодувате, се на пиедестал, иако нашата соговорничка не е по јадењето, ама секогаш ги сака оние со пилешко месо.
Маринела го обожава градот под Исарот, затоа што во него се може и кога си сам, и кога си со луѓе, и секогаш да ти е добро. Нејзиниот град е срцето на текстилот, на големите естети, на „Астибо“, ама и на добрите политичари. И бидејќи е одбрана од луѓето, не сака да има никаква дистанца меѓу неа и сограѓаните. Штипјаните многу често и' приоѓаат - да искоментираат некаков настан, да се распрашаат за некој закон, да сугерираат и секогаш и' е драго поради тоа. Вели се чувствува поласкано кога ќе види колку Штип ја сака.
„Кога зборувам за својот град, не знам колку сум пристрасна и колку моите очи ги гледаат работите на вистинскиот начин. Сега ќе ја спомнам македонската музичка гордост – ’Макфест‘. И покрај тоа што ја сакам музиката во сите нејзини видови, се раководам и од некој свој внатрешен импулс, песните од најреномираниот музички фестивал ми се приоритет. ’Кога те нема‘, ’Признавам‘, ’Дајте ги рацете‘, ’Се' е исто како лани‘... цело богатство од рефрени што не се забораваат. Во октомври Штип живее за ’Макфест‘, се' е раздвижено и распеано“, ја објасни Маринела штипската музичка жичка.
Хероината на овој текст знае за минливоста и за релативноста на нештата, ја спомнува „ништо не е трајно, па ни трајна ондулација“, ама на сите тие нешта им пркоси со пријателствата од детството.
„Имам другарки со кои се дружам цел живот, ме знаат колку и јас нив, и тие, чувствувам, ќе траат, зашто не' врзуваат важни моменти од растењето. А од одредена временска дистанца се добива во тежина и во значење. Тоа не подразбира дека не сум отворена за нови пријателства, напротив, имам убави релации со нови луѓе, само што во различни фази од животот е различен интензитет на дружењето. Во Собранието имаме заедничка голема канцеларија, заеднички работен простор, па кога сме на пауза, го користиме просторот и за кафе-муабет. Не сме многу, па се дружам со сите кои се често таму“.
Маринела вели за себе дека е „здодевно пристојна“. Ама оваа госпоѓица, доколку подобро ја погледнете, особено откако ќе ви каже дека омилен филм и' е ’Однесени со виорот‘, ќе ве потсети на Скарлет О‘Хара, што е далеку од предвидлив карактер. Всушност, има нешто во нејзиниот табиет што ќе ве предизвика да помислите дека е доволно силна, со постојана потреба да пркоси - се разбира, доколку го налага тоа ситуацијата. Не е од оние што чекаат принц на бел коњ, а не дека не верува во принцови. И што е најавтентично - на маж попрво ќе му прости ако не знае да смени сијалица или да поправи нешто ситно дома отколку да не верува во нејзините идеи.
„Не, немам некаков шаблон во однос на тоа како треба да изгледа човекот што ќе ми ги окупираа мислите“, загадочна во откривањето на својот вкус е Маринела. „Можеби, сепак, најважни особини се позитивност и стабилност“.
Колку физичкиот изглед е првата станица во препознавањето сродни души, сепак, е признание од нашата соговорничка, зашто откри дека има нешто длабоко умно во мажите, каков што е Ентони Хопкинс, и бескраен шарм што го има Џорџ Клуни. Токму затоа асоцијацијата за заведувањето и' е интензивна, интелектуална и емотивна интеракција... Предрасудите врзани за годините и за мажењето Маринела одвреме-навреме ги слуша од баба и' и дедо и', ама нема никаков притисок од дома. Нејзините родители оставаат самата да си ги решава важните животни прашања.
„Инаку, не сум религиозна, иако потекнувам од такво семејство, ги знам обичаите, убавите моменти на релаксирана празнична атмосфера. Не сум ни атеист, но понекогаш велам дека можеби сум премногу млада за религија. Библијата се' уште не сум ја прочитала, а тоа сигурно ќе го направам. Имам брат, помал, кој сепак го има заштитничкиот став кон мене, се грижи, ми дава сугестии, ама тоа го добивам и од други роднини, за кои знам дека и кога критикуваат, се добронамерни.
Една од најомилените работи на младата парламентарка е луѓето да ги прави среќни. Можеби на тоа мислела и мајка и' една недела пред да се породи, одлучувајќи се бебето да го нарече Маринела. Името е ретко и се памети и, како што вели една нејзина колешка, асоцира на шеќерно девојче што влева оптимизам.
По професија Маринела е педагог и мултикултуралист, Шведска беше земја на нејзиното дошколување, за неа убаво искуство, зашто таму научи се' за толеранцијата и за прифаќањето на разликите. Токму затоа и ја сака оваа скандинавска земја во која наизглед никој не води сметка за никого, а владее контролиран хаос. Веројатно затоа постојат и предрасуди дека, наводно, се ладни. Маринела ги памети патувањата во Јапонија, ултрамодерна и развиена земја, ама и во Швајцарија. Сите тие патувачки слики се врзани за спомените, културата и за природата, кога се спомнува земјата на Алпите.
„И ние имаме мала Швајцарија“, раскажува Маринела. Тоа е Пехчевскиот регион, Рамна Река, царство на природа и спокојство. Често за викенди одам таму, уживам во мирнотијата, усогласеноста на зеленилото што се пренесува и на мислите“.
Маринела, не е тешко да се забележи, е убава девојка, ама нејзините размислувања на тема убавина се врзани за негуваноста на жената. Тоа, пак, оди во комплет со почитувањето и во вложувањето во себе. Нејзината работна и приватна гардероба не се разликуваат многу - ја сака спортската елеганција, панталони, фустани, што се малку покуси од оние што ги носи во Собранието. Сака да оди и на потпетици и на рамно и вели дека неретко боите и' го креираат расположението во текот на денот. Луѓето што ја познаваат знаат дека е ведра личност, не е лутка, а позитивната енергија и мислите не ги врзува за еден амбиент. Убаво може да си помине и во кафуле и во ресторан, со добар филм, книга, ама и со компјутер.
„’Фејсбук‘ ми е одлична алатка за комуникација, често добивам коментари за актуелни политички настани, идеи, сугестии, пофалби, критики, прашања... Се обидувам да бидам активна и јас, објавувам линкови од интересни статии, настани. Апсолутна предност или придобивка на денешницата е Интернетот, очевидно е дека многу го поедноставува животот, го збогатува со информации и контакти“.
Сепак, книгата најубаво се чита во својата изворна форма, кога е на хартија. Маринела ги издвои „Историската исповед на човештвото“ од Теодор Зелдин, „Девојка со тетоважа на змеј“ на Стиг Ласон, „Јас, кралицата од Саба“ на Мишел Кан, ама и „Индиго Бомбај“ од Јагода Михајловска-Георгиева. Во менталните прошетки по прочитаното го спомнува Меша Селимовиќ, зашто ги сака приказните од минатото за иднината, а тој освен содржините за смислата на животот, пишувал и за власта, слободата, нужноста, за прашањата поставени од ракурсот на модерниот човек без оглед што формално се свртува кон минатото, односно на Босна под турската власт.
„Можеби, пред се' и нас се', го почитувам Селимовиќ, завршува Маринела, „затоа што да се биде човек значи да се верува, да се сака и да се брани другиот, а тоа не е само сопствено бреме. Тоа е и мерник за вреднување на човекот и на животот“. |