МАЈКЛ ДАГЛАС
Откриен рак на грлото кај актерот
Мајкл Даглас дозна дека боледува од рак на грлото, но лекарите му предвидуваат целосно закрепнување, објави вчера неговиот портпарол Ален Бури. Неодамна, 68-годишниот актер, при случаен преглед, дозна за туморот во грлото, а медицинските лица веднаш му препишаа третмани со хемотерапија и зрачење во наредните осум недели. Според нив, животот не му е во опасност. „Јас сум оптимист“, напиша Даглас во изјавата, а неговиот претставник не сакаше да открива детали околу болеста и видот рак.
Веста е објавена само неколку недели пред премиерата на неговиот најнов филм „Волстрит: Парите никогаш не спијат“, продолжение на култниот „Волстрит“, од осумдесеттите години, дело на режисерот Оливер Стоун. Актерот имаше особено турбулентна година - неговиот син беше уапсен поради дрога и осуден на пет години затвор, иако Мајкл лично дејствуваше и се залагаше судијата да не биде строг спрема младиот Камерон. Не е познато како сопругата на Мајкл, убавицата Кетрин Зита Џонс, реагираше на веста за болеста на својот маж ниту, пак, неговиот татко, легендарниот Кирк Даглас. |