Нотарите како судии
Стоjадин Б.Наумовски-Цоци, Тетово
Воведувањето на извршителите не е ништо друго освен воведување на институцијата на „колекторите“ од Запад. За разлика од Запад каде што на извршителот му претходи задолжителен судски процес и пресуда донесена во суд, каде што суди судија, кој е избран (гласан) на избори за судија, во Македонија извршителот е именуван од министерот Маневски, партиски министер за правда, а пресудата ја носи нотар (замислете само!?) врз основа на еднострано приложени „докази за неплатени сметки“. Во државите од каде што Владата на Република Македонија зема урнек, за неплатени сметки се исклучува од сервис (со тоа што ако некој не е во состојба да плати, интервенира со финансиска помош владина служба), а монополот на сервис индустријата го надгледува граѓанска (а не партиска) комисија. Згора на тоа, на тој Запад постојат и повеќе видови банкротство, со кое се заштитуваат обете страни.
Во Македонија таква заштита, со прецизно опишани состојби, со загуба за должникот, а нему, сепак, нешто да му остане во владение - нема! Многу работи, иако ги има на Запад,не се добри, особено ако се одвоено (без целината) увезени во Македонија. За жал, Македонците што ни беа претставени дека доаѓаат од „дијаспората“, всушност, само престојувале во странство на студии (некои дури можеби и стипендирани од Македонија), старото што го оставиле дома во Македонија го заборавиле, а новото од Западот не го научиле, туку,за жал, само виделе и запомниле делови од системот што сакаат да ни го наметнат во Македонија. Можеби Западот и има што да понуди, но ако Македонецот е умен и направи синтеза на позитивните работи од сите страни на светот, ќе направи од Македонија пристојно место за живеење.
|