Средното економско во Тетово со подновени училници
Општината инвестираше 30 милиони денари во образованието
ТЕТОВО - Локалната самоуправа инвестираше 30 милиони денари во образованието, поточно за осовременување на просторот во седум средни и основни училишта. Најмногу пари, 24 милиони денари, општина Тетово вложи во проширувањето на училишниот простор ��о средното економско училиште „8 Септември“. Со надградбата на постојната зграда, економското училиште доби осум нови училници. На тој начин наставата ќе се изведува во две смени наместо во три, а часовите ќе траат 45 минути, а не како досега триесетина.
Општината издвои средства во износ од 1,8 милиони денари за подобрување на квалитетот на наставата и во средното текстилно училиште „Ѓоце Стојчевски“. Портпаролот на локалната самоуправа, Фљакран Пустина, вели дека средствата биле употребени за реновирање на неколку лаборатории и замена на дотраените подови во сите училници и кабинети.
Во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ со 310.000 денари се реновирани помошните простории. Реконструирано е и училиштето во селото Гајре. За интервенции на фасадата, промена на врати и на прозорци од општинската каса се издвоени 1,9 милиони денари. За основното училиште во Лавце се издвоени 310.000 денари, а 690.000 денари за реконструкција на покривите во ОУ „А. С. Кикиш“ и „Братство-Миѓени“ во Тетово.
Градоначалникот на Тетово, Сади Беџети, вели дека и натаму ќе инвестираат во подобрувањето на просторните услови во училиштата. „Во границите на буџетските можности ќе се интервенира сукцесивно секаде каде што е потребно“, ветува Беџети. (Г.Е.) |