Македонија и НАТО пред Лисабон: хепиендот е далеку
Нашата земја светски рекордер - го трча 11. круг за влез во НАТО
Соња Крамарска
На 19 и на 20 ноември НАТО држи самит во Лисабон, а Македонија е во немоќно исчекување ситуацијата да се сврти во наша корист и да го победи грчкото влијание врз другите земји-членки што одлучуваат за приемот на нашата земја. Министерот за одбрана, Зоран Коњановски, отиде дури во Берлин за таму да ја слушне истата порака: многу сме заинтересирани да се најде компромисно решение за спорот.
Но, компромисно решение за спорот не е ниту на повидок, а во Скопје веќе се прават анализи за ризиците што ги презема Македонија со повторното недобивање покана за членство во НАТО. Тинк-тенкот со десничарска определба „Охрид“ разочарано констатира дека нашата земја е во 11. циклус на Акциониот план за членство во НАТО и оти е доведена во непријатна положба на држава што најдолго се подготвувала за членство во Алијансата во историјата на НАТО.
Нано Ружин, поранешен амбасадор на Македонија во НАТО, вели дека нема позначајни безбедносни ризици, но дека ќе трпи внатрешно политичката ситуација. „Повторното недобивање покана од НАТО ќе ги намали солидарноста во владејачката коалиција и интензитетот на реформите“, вели Ружин.
Иако не е членка на НАТО, сепак, Македонија продолжи со активно учество во три меѓународни операции ИСАФ во Авганистан, предводена од НАТО, АЛТЕА во Босна и Херцеговина, предводена од ЕУ, и операцијата УНИФИЛ во Либан, предводена од ОН. Потроши средства за модернизација на полигонот „Криволак“ според стандардите на НАТО за да се користи како регионален тренинг-центар, но инвестицијата не возврати, бидејќи е заглавено членството во Алијансата.
Дека ќе се намали темпото на реформите, вели Ружин, говори и буџетот што Македонија го издвојува за одбраната, а кој од година в година е помал. Финансирањето на одбраната се движи околу два процента од бруто домашниот производ, но во 2010 година, поради кризата, е намалено на 1,65 проценти. Еден од критериумите за Македонија да стане членка на НАТО е да издвојува за одбраната меѓу 2,1 и 2,6 проценти од бруто домашниот производ.
Политичките посматрачи оценуваат дека посетата на министерот за одбрана Коњановски на Германија, во чиј воен состав во Авганистан учествуваат и македонските војници, е очајнички потег пред ноемврискиот самит во Лисабон. Меѓутоа, и тој потег не даде никакви резултати, бидејќи Берлин студено порача: „Иако Македонија е на добар пат, тој пат не може да биде одреден од една земја, туку треба да одлучи Алијансата што се состои од голем број земји-членки“. „Многу сме заинтересирани да се најде компромисно решение за спорот“, му рече министерот за одбрана на Германија, Карл Теодор Гутенберг, на Коњановски.
Анализирајќи ја ситуацијата, тинк-тенкот „Охрид“ во својот периодичен осврт на достигнувањата на Владата, наречен „Мониторинг на лидерство“, испраќа порака на загриженост. „Во современиот свет ниту една држава не може да ги оствари своите национални интереси сама без развиена соработка со други и без чувство за присутната меѓузависност во денешниот свет“, заклучи тинк-тенкот составен од експерти блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Неодржлива е ситуацијата што настана по Самитот во Букурешт 2008 година - кандидат што ги исполнил сите услови за членство неправедно да се држи пред портите на НАТО, заклучи во својата анализа во „Мониторинг на лидерство“ м-р Билјана Јанева, задолжена за следење на исполнувањата на Владата во надворешната политика. Нејзината порака до Владата е таа да се посвети на градење стратегија и да најде конструктивен начин за деблокирање на НАТО и на ЕУ-интеграциите.
Но, дали е можна таква стратегија во услови на влошена домашна клима, слаби економски достигнувања и се' поочигледното намалување на капацитетите на земјата да одговори на тврдото грчко ембарго кон надворешната политика на Македонија?
Сегашниот амбасадор на Македонија во НАТО, Мартин Треневски, кој стана познат по своите сензационални анти НАТО ставови, повторно се огласи со ултимативни барања до Алијансата преку колумна насловена „Македонија во НАТО - сега“. „Заклучокот од декларацијата на Самитот во Букурешт 2008 година не е оправдан и треба да се смени за Македонија да добие покана во Лисабон“, бара Треневски од земјите-членки на НАТО.
Ако неговата колумна е одраз на државната политика што моментно нашата земја ја води кон НАТО, тогаш е јасно дека патувањето во Лисабон на 19 - 20 ноември ќе биде само уште една екскурзија на македонското раководство. Или, премин од 11. во 12. круг.
Амбасадорот Ружин вели дека повторното недобивање покана од НАТО силно ќе ја погоди и македонската економија. „Веќе видовме дека доделените 31 милион долари странска помош во 2007 година за реконструкција на патишта беше условено со изведба на работите од страна на фирма на земја-членка на НАТО“, вели тој. „Многу компании, не само од САД, туку и од Европа, претпочитуваат да инвестираат во земји што се членки на НАТО“, додава тој. |