Уште многу состаноци до решение
Оценето е дека средбата Груевски - Папандреу е позитивна, но ќе бидат потребни уште многу средби за надминување на разликите
Меѓу македонскиот и грчкиот премиер постои политичка волја за надминување на спорот околу името, но решение на проблемот засега не е на повидок. Сублимирано, вака гласи пораката што ја пренесе македонскиот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски по средбата во Брисел меѓу Никола Груевски и Јоргос Папандреу.
„Разговорите можат да се оценат како позитивни, но ќе требаат уште многу средби и продолжение на овој македонско-грчки дијалог за да може во иднина секоја следна средба да биде можност за надминување на одредени разлики што постојат“, изјави Милошоски за средбата, за која рече дека двајцата премиери поголемиот дел од едно и полчасовната средба ја посветиле на спорот. „Важно е што и кај македонскиот и кај грчкиот премиер постои политичка волја сериозно да му се пристапи на ова прашање со цел да доживее одреден напредок што би можел да значи решавање на овој билатерален проблем“, изјави Милошоски.
Грчката страна се огласи преку портпаролот на МНР на Грција, Григори Делавекурас, кој на прашањето дали грчката страна е подготвена за дополнителни отстапки во преговорите, освен зборот „Македонија“ во сложеното име, изјави дека грчкиот предлог за име со географска одредница за севкупна употреба е на маса, а што ќе се случува потоа, ќе се види од позицијата на македонската страна.
За средбата Груевски - Папандреу евроамбасадорот во земјава Ерван Фуере вчера изнесе мислење дека е добро што се одржуваат средби и оти тоа е позитивен развој на настаните. „Фактот дека тие се сретнаа е важен, бидејки постои дијалог заснован врз доверба и колку повеќе има дијалог, толку повеќе има доверба“, изјави Фуере, изразувајќи надеж дека тоа што е можно поскоро ќе резултира со решение. „Добро е што се среќаваат и на тоа треба да се фокусираме“, рече тој.
Средбата Груевски - Папандеру уследи откако пред еден месец двајцата премиери поради „неусогласени агенди“ избегнаа да се сретнат во Брисел, а десетина дена подоцна Груевски не отпатува во Њујорк, со што се избегна уште една средба. Грчката страна го искористи тоа да ја обвини македонската дека нема политичка волја за решавање на спорот, по што претседателот Ѓорге Иванов, кој беше во Њујорк, побара средба со Папандреу што траеше 20 минути. (Т.Г.) |