„Скопје 2014“ стаса на мостовите
Обновата на мостот кај МАНУ предвидува нова повисока ограда од ковано железо
Комплетно нов асфалт, тротоари и рабници, нова повисока ограда изведена од ковано железо со елементи од македонскиот фолклор, стилски канделабри и илуминација. Ваков лик до пролет ќе добие Мостот на револуцијата, кој ги поврзува булеварите „Кочо Рацин“ и „Крсте Мисирков“. Реконструкцијата вчера официјално ја најави градоначалникот Коце Трајановски, со што и Градот се вклучи во проектот „Скопје 2014“.
Предвидено е обновата на мостот да се одвива во наредните 120 работни дена. Во тој период, иако ќе биде прооден за сообраќај, по мостот ќе се вози на помалку ленти од вообичаеното. Затворени за сообраќај ќе бидат страничните две ленти, што очекувано ќе го зголеми сообраќајниот метеж.
„Неопходно е кога нешто се гради, сообраќајот да има изменет режим. Тоа ќе трае во наредниве 120 работни дена. Ова е прва сериозна и целосна реконструкција на мостот по неговата изградба во 1963 година. По планираните зафати, тој ќе добие целосно нов лик, а ќе биде и побезбеден и за пешаците и за возачите“, рече Трајановски, кој информираше дека нема да се преземат зафати единствено во однос на статиката на мостот, оти таа ги задоволувала потребните критериуми.
За обнова на објектот, Град Скопје ќе потроши речиси половина милион евра. Оградата, која како што тврди Трајановски нема да биде во барокен стил, ќе се работи по идејно решение на Зоран Јордановски, а изведбата на терен му е доверена на „Синтекс“ од Скопје.
Мостот на револуцијата е првиот од трите кои Градот Скопје планира да ги обнови. Наскоро, најави Трајановски, ќе почне и комплетната обнова на мостот кај „Холидеј ин“ и мостот „Гоце Делчев“. (Дс.Т.) |