Градежни работници исфрлале фекалии во Охридско Езеро
Откриени се диви приклучоци во цевката за атмосферска вода од каде што директно се влеваа во езерото
Охрид - Изведувачот на објектите подигнати на пресекот на булеварот „Туристичка“ со улицата „Никола Карев“ е виновник за загадувањето на Охридското Езеро со фекалии. Од „Нискоградба“ дури сега открија дека и несовесниот градител, но и инвеститорот свесно направиле вистинско злосторство кон езерото. Откриени се диви приклучоци преку кои се одлеваа фекалии преку цевката за атмосферска вода и директно се влеваа во езерото, кај Центарот за едрење.
По два месеца, кои се совпаднаа со главната туристичка сезона на македонскиот туристички бисер, конечно, пронајдени се загадувачите и почна отстранувањето на последиците од излевањето фекалии директно во Охридското Езеро и тоа на еден од најфреквентните потези, на самиот кеј пред Центарот за едрење и Холандскиот парк. Екипи на ЈП „Нискоградба“ започнаа со отстранување и затнување на цевките за одведување фекалии диво приклучени на одводот на атмосферската вода, која директно се влева во езерото.
Тоа дека е во прашање крајно неодговорен однос на некој од градежниците, подолго време укажуваа и во Центарот. Таму има тројца корисници, спортски клубови, во кои престојуваат, главно, деца. Тоа се кајак-клубот „Стрмец“ и едриличарските клубови „Бофор“ и „Стрмец“. Радован Попоски, претседател на Кајак-кану клубот и мотонаутика на вода, за „Утрински весник“ вели дека одамна се сомневале на градежниците, но никој не ги сфаќал сериозно.
„Само во нашиот клуб има од 35 до 40 деца, главно, од Охрид, но и од Скопје, Куманово, Кавадарци, а во целиот центар и во трите клуба повеќе од стотина. Ова е нивен втор дом. Проблемот настана ова лето, пред два месеца. Децата добиваа вируси, во Центарот влегувавме и излегувавме низ фекалии. Но, не само ние. Нечистотијата се шири низ Студенчишки канал и натаму во езерото, преку влезната уста низ која минуваат армиски и полициски пловни објекти, но и скапи рекреативни јахти“, вели Попоски.
Охриѓани очекуваат наскоро да биде решен проблемот, но истовремено да биде и последна опомена за сите повикани фактори. Особено што и од Заводот за здравствена заштита редовно известуваа дека нивните мерења покажуваат параметри на висок степен на загаденост, дури од петта категорија. Останува прашањето зошто навреме не реагираа инспекциските служби, надлежните од Скопје и од локалната самоуправа, туку алармот мораше да се вклучи по зачестените медиумски интервенции и дури на крајот од главната туристичка сезона. (В.М.) |