Само двајца полицајци од Ќафасан испратени дома, сите други во Шутка
Организатор на групата бил раководителот на смена, кој земал пари и учествувал во делењето на добивките
Љубиша Станковиќ
Само двајца од 16-члената група полицајци од граничниот премин Ќафасан, поради нарушена здравствена состојба, по извршен распит пред истражен судија од скопскиот Кривичен суд се испратени на издржување мерка куќен притвор. Со забрана за напуштање на својот дом, судот определи алтернативна мерка за осомничените Благојче Р. (29) од Охрид и Будимир К. (48) од Струга. Преостанатите 14 полицајци, осомничени за кривични дела злосторничко здружување и примање поткуп, со судско решение се испратени на издржување мерка притвор во траење од по 30 дена.
На списокот на осомничени, освен споменатите двајца полицајци, се најдоа и раководителот на смена Дритон А. (32), Ристо Ј. (48), Баки К. (47), Оливера В. (36), Борче Т. (25), Олег Ќ. (30), Беса Ж.(28), Аџи А. (28), Миливој А. (47), Артан П. (27), Муса К. (28), Беким М. (25), Дарко В. (41) и Ристо Б. (31). Поголемиот дел од притворените се од Струга, но има и од Охрид, Вевчани, Франгово, Велешта и од уште неколку места.
Според Јавното обвинителство, водач на 15-члената група полицајци која се занимавала со примање поткуп бил првоосомничениот Дритон А., кој, пак, во изминатиот период бил ангажиран како раководител на смена на преминот. Тој е осомничен дека успеал да да ги организира членовите на групата, дека ги распоредувал на соодветни работни места погодни за извршување на кривичното дело, учествувал во земањето пари од своите подредени, а потоа ги делел во зависност од заслугата. Раководителот Дритон А. се товари дека и самиот побарувал и дека лично тој земал поткуп од странски државјани кои ја минавале државната граница на преминот Ќафасан.
Долгата низа дела за кои е осомничен Дритон започнала уште на 3 мај оваа година, а земањето поткуп и делењето на парите што ги прибрал тој и неговите колеги траело се' до почетокот на минатиот месец. Ова не значи дека раководителот престанал со примањето на поткуп, бидејќи тоа се случувало се' до крајот на август, но со таа разлика што во овој период другите осомничени имале поголема активност. Имено, името на Дритон, во барањето за поведување кривична истрага се повторува 11 пати и тоа во само една, а целиот предмет содржи дури 17 точки.
Според Јавното обвинителство, пари биле земани не само за побрзо минување на границата, туку и поради пропуштање возила чии возачи не поседувале меѓународна возачка дозвола или поради немање зелен картон, но и поради невнесување на личните податоци на патниците кои ја минувале границата. Најголемиот износ што бил земен како поткуп не надминува 100 евра, но затоа, пак, биле замени и по пет евра. Речиси без исклучок во делбата на парите секогаш бил присутен и вработен во МВР, а кој во иднина ќе биде третиран како лице со заштитен идентитет.
Supeeer, tamu im e mestoto na kradacite,treba da im se bara poteklo na imot, site imaat novi vozila, stzanovi, hoteli, se setaat po odmori, si dozvoluvaat ona sto nikoj od edna normalna plata nemoze da si go dozvoli. Za niv samo zatvor