Тодоровиќ уште ги крие договорите за спомениците

Од десетици зделки, обелоденети се само две и тоа по речиси една година од склучување на договорите
Деспина Трајковска
И по измината речиси една година од направените зделки за изработка на спомениците, Општина Центар се' уште не дава целосен отчет во јавноста за склучените договори. Ниту обвинувањата од некои невладини организации дека Општината нетранспарентно ги троши парите на граѓаните, ниту, пак, притисокот на јавноста не се доволни да го натераат градоначалникот Владимир Тодоровиќ да ги достави склучените договори до Бирото за јавни набавки за да се постават на нивната официјална веб-страница. Иако градоначалникот има законска обврска да го стори тоа, досега се обелоденети само две од десетиците зделки за спомениците и тоа оние „полесните“. Што е најинтересно, тоа е сторено речиси десет месеци откако се парафирани.
Така, Општина Центар дури пред три дена „откри“ дека за изработка за споменикот на свети Климент и Наум потпишала договор во вредност од околу 580.000 евра. Носител на набавката е „РЖ Институт“ од Скопје. Од Општината вчера објаснија дека оваа фирма, всушност, е подизведувач, а лиењето се врши во леарницата во Фиренца, која е квалификуван изведувач на носителот на набавката.
Од вториот обелоденет договор се дознава дека Општината лани во септември се обврзала да плати над 200.000 евра за изработка на неколку постаменти на фирмите „Конструктор инженеринг“ од Сплит и на „Крин“ од Прилеп. Фирми за кои, всушност, прв пат во јавноста се дознава дека се ангажирани за изведба на постаментите. Досега, од Општина Центар како изведувач на овие активности го посочуваа „Бетон“. Без да прецизираат колку вкупно постаменти чинат над 200.000 евра, општинарите вчера дополнија дека „Конструктор инженеринг“ и „Крин“ се ангажирани за изработка на постаментите за спомениците на Карпош, цар Јустинијан, гемиџиите, за споменикот на основачите на МРО, просветителите Кирил и Методиј, Климент и Наум, а го работат и постаментот за споменикот на Првото заседание на АСНОМ.
„Бетон“, пак, како што е веќе познато ги изработи постаментите на коњаничките скулптури на Гоце Делчев и Даме Груев, ги финишира оние за лавовите и на Ченто, а ќе ги работи и постаментите за спомениците на Никола Карев и цар Самуил.
Инаку, исто како и во изминативе месеци, така и вчера од кабинетот на Тодоровиќ потенцираа дека деновиве ќе бидат обелоденети сите склучени договори за спомениците. „Договорите се доставени до Бирото за јавни набавки и за два-три дена ќе бидат објавени“, ветија вчера од Општината. За термините за поставување нови споменици јавноста ќе била навремено информирана. Општинарите не кажаа дали за нив ќе има официјална промоција или и тие ќе се постават преку ноќ, како што беше со коњаничките скулптури на Гоце и Даме. |