Бигорски манастир
Воскресение една година по пожарот
Новото здание на манастирот Св. „Јован Бигорски“ пленува со внатрешната и со надворешната архитектура, што ќе биде спојка на Долниот со Горниот палат. Монашкото братство очекува целосното возобнување на изгорениот Горни палат да се случи за две години
Киро Кипроски
Големината на Бигорскиот манастир е што живее во народот. Бигорскиот манастир има внатрешна сила, магија, магнетни полиња да го привлекува народот, кој е нераскинлив дел на десетвековното опстојување. Тоа се докажа низ богата историјата, а се потврди и по катастрофалниот пожар што се случи минатата година на последното септемвриско утро. Огнените јазици го проголтаа Горни палат, најубавиот дел на комплексот Бигорски манастир. И во минатото имало пожари. Голем пожар се случил во 1912 година кога целосно изгорел Долен палат. Но, македонскиот народ секогаш успевал изгореното, оштетеното, урнатото да го возобновува, а притоа водел голема грижа да се зачува автентичноста на мијачка архитектура на ова прочуено македонско древно светилиште, што претставува бисер над бисерите на македонското градителство и на духовното творештво. Кога Бигорскиот манастир треба да си го врати вистинскиот сјај, како што изгледаше пред пожарот. И не само тоа, туку ќе биде поцврст и поубав со вградување поквалитетни материјали, во споредба со оние кога се градел, пред два века.
Огнените јазици го проголтаа најмаркатниот дел на Бигорскиот манастир каде што се наоѓаа: манастирските конаци, големата трпезарија, гостинските одаи, кујната, библиотеката, монашките ќелии, галеријата на икони, магацинот за храна.
Во 1814 година, по нарачка на тогашниот игумен на манастирот, галичанецот Арсениј, на северниот дел од манастирскиот комплекс, веднаш до црквата посветена на свети Јован Крстител, започнала изградбата на Горни палат. Во приземјето беа сместени економските простории. Од приземјето со внатрешни скали се доаѓаше на првиот кат, каде што се наоѓаше простран чардак, од каде што се влегуваше во осум простории, во кои се наоѓаа калуѓерските ќелии. И на вториот кат имаше средишен простран чардак и се доаѓаше поконзолно - еркерно исфрлени дрвени скали однадвор. На ова ниво се наоѓаа 11 простории, тука беше и владичката одаја. На северната страна се наоѓаа архивата и библиотеката.
Од првиот ден по пожарот, од изгрејсонце, со кукурикањето на првите петли, па се' до паѓањето на мракот, манастирскиот мир се' уште го нарушуваат татнежите на машините, ѕвекањето на ударите на теслите, чеканите и на другите алатки на градежниците. Бигорски претставува големо градилиште. Се расчистуваат остатоци од пожарот на Горни палат. Се работеше внимателно да не се оштети, да не се урне она што беше останато. Илјадници кубици на камени плочи, камен, гареж, пепел, недогорени греди беа исчистени и однесени во депонија. Паралелно со тоа мошне интензивно се изведуваат работите на новиот комплекс - Источен палат.
Процесот на реконструкција на опожарениот Горни палат наскоро ќе продолжи со зголемен интензитет. Проектот, кој е во надлежност на Националниот конзерваториски центар, според информациите од овој Центар, се наоѓа во завршна фаза, остануваат формалностите, да се стават последните потписи од управата на Центарот. Во меѓувреме, додека се работеше на изработката на проектот беше дозволено да се работи на санација на ѕидовите, со вклучување постапка на инјектирање, трокретирање и на други конзерваториски работи. Просторот каде што се наоѓаше големата трпезарија времено е покриен со лимен покрив, а ѕидовите со најлон, за да се заштитат од врнежи на дожд и од паѓање на снег, се' со цел да не се нанесат нови штети.
Игуменот на Бигорскиот манастир, архимандритот Партениј, во првите мигови по пожарот на монашкото братство им рече: „Светите отци велат дека посилниот го чека и поголемо искушение. Затоа ние не очајуваме, туку му благодариме на Бога за се' што ни се случи. Веднаш по трагичното утро на пожарот, следниот ден отслуживме света Божествена Литургија, на која се измоливме на Бога за поддршка и на која благодатно ни се даде сила за нов почеток. Секој манастир е граден со молитва, така што и Бигорското светилиште отсекогаш било градено со молитва и заради молитвата. Така е и денес. Се' што правиме и градиме е да послужи за духовни цели.”
Седиме на чардакот на Долен палат, пред нас ги гледаме голите ѕидови на изгорениот палат, од десната страна погледот ни го пленат новите чардаци и архитектурата на Источен палат, во кој пред неколку дена се вселија монасите, а од левата страна високо се извишува Крчин, а долу, под манастирот, тече реката Радика, откаде се разлева шумот на бистрите води. Во извонреден амбиент го водам разговорот со архимандритот, кој 15 години од животот вложи за просперитет на Бигорски и во мисија за духовно издигнување на верниците не само на регионот на Мијачијата, туку и на Долна и Горна Река, Мавровско, Полошко и пошироко. На прашањето колку се проценуваат штетите од пожарот, што се' отиде во неповрат, игуменот Партениј се подзамисли, наеднаш неговото лице доби друг лик. Тешко му е да се потсетува на 30 септември 2009 година. Но, сепак, ја отвори душата и почна да говори.
„Пред да одговорам на прашањето, би сакал да ве потсетам за тоа во каква состојба го затекнав Горни палат, кога дојдов во 1995 година. Тогаш немаше никаква инфраструктура, ни основен инвентар за живеење. Покривот протекуваше, а монашките ќелии и другите простории беа во толку запуштена состојба , што беше потребна итна интервенција во поглед на нивната обнова и оспособување за престој во нив. Така, во овие изминати 15 години направивме многу за да се зачува она што нашите славни претци ни го оставиле во завет. Тука не можам, а да не ги спомнам фреските од Михаил од Самарина и неговиот син Димитриј, подоцна Данаил, вистинск�� ремек-дело за кое најмногу жалиме. Секако, не помалку вредна беше и прекрасната архитектура на Горен палат. Тоа се нешта на кои не би сакал да ставам цена, бидејќи ги сметам за непроценливи. Сепак, наеднаш по пожарот, стручен тим од Националниот конзерваториски центар ја проценија духовно - материјалната штета на околу 5,5 милиони евра. И повторно ќе нагласам дека ако не беше пожртвуваноста на нашето братство, кое од галеријата ги спаси речиси сите вредни икони , кои датираат од 17 век, загубата ќе беше многу поголема. А во поглед на библиотеката, книгите кои изгореа во пожарот беа понови изданија, собирани по нашето доаѓање, од 1995 година. Постарите ракописи и архивски материјали се' уште постојат и се наоѓаат во повеќе архиви низ Републикава и надвор, а највредните експонати се сместени во музеј во Скопје.
Координатор и главен архитект, одговорен за изготвувањето на проектот за возобнова на Горни палат е дипл.инг.арх. Ѓурѓица Лековска, која е мошне искусна во поглед на бигорската архитектура. Таа ги има подготвено проектите за изградбата на Долен палат и за новиот Источен палат, што се наоѓа во завршна фаза.
Според зборовите на игуменот Партениј, од самиот почеток архитектката Лековска формираше стручен тим на архитекти, кои сериозно се вдлабочија во изготвувањето на колку што е можно подетален проект. Голема помош им беше богатата архивска документација, која претставуваше одлична основа за овој комплексен архитектонски потфат. Освен тоа, во процесот на изготвувањето на проектот постојано беше консултирано и нашето братство, а не изостанува ни големата поддршка од министерката за култура Елизабета Милеска - Канчевска, од Паско Кузман, директор на Републичкиот завод за заштита на културното наследство и на Бехиџудин Шехапи, директор на НКЦ.
Поради комплексноста на самиот проект и крајно сериозниот, професионален пристап кон објектот, појаснува отец Партениј, изготвувањето на проектот трае цела година. Но, според нив, колку што е проектот подетален и покомплетен, толку полесно и со помалку проблеми ќе биде и самата изведба. А крајна цел е обновениот конак да ја задржи во целост идентичноста и автентичноста со опожарениот конак, како во поглед на екстериерот, така и на енериерот. „Тоа е и нашата цел“- категоричен е архимандритот Партениј.
За возобновувањето на Горни палат, според проценките потребни се околу 3,5 милиони евра, сметајќи ги тука и сите уметнички детали и украси, како што се резбаните тавани, фреските во трпезаријата и други орнаменти, како специфични елементи на бигорскиот ентериер. Исто така, изработен е проект за гостински конак, кој ќе се гради кај паркингот, пред првата манастирска порта, кој е потребен поради се' поголемиот број верници и туристи што сакаат да престојуваат во манастирот. Со реализацијата на овој зафат целосно ќе се заокружи комплексот на Бигорскиот манастир.
Од средствата што се собираат, монашкото братство се' уште вложува за докомплаетирање на Источниот палат.
Игуменот Партениј ни вели дека Бигорскиот манастир финансиски го поддржува и својот метох во дебарското село Рајчица, посветен на св. Георгиј Победоносец (женски манастир) и не можат да се потпрат само на средствата од Владата, туку и во оваа пригода преку ја користи можноста да ги повика сите родољубиви православни Македонци, да се вклучат во изградбата на овој наш голем духовен бисер, со што би дале и својот придонес во мисијата за духовната преродба на нашиот народ. Ако се' тече по својот ред, процесот на возобнова на Горни палат, би завршила за околу две години.
„Ова наше големо искушение уште еднаш ни ја покажа љубовата кон верата на народот“, со задоволство ни вели отец Партениј. Благодарение на многу луѓе, кои веднаш по пожарот се вклучија во анимирање на целата јавност преку естрадата, медиумите, кон акцијата за помош на бигорската светиња, се придружија луѓе со различни професионални определби, кои го поддржаа сето она што манастирот го прави за својот народ, (работа со млади зависници, секојдневна ангажираност во мисијата за зголемување на духовноста, помагање на сиромашните лица и др.) Средствата што беа собрани не беа доволни ни за довршување на Источен палат, но монашкото братство со голема пожртвуваност успеа да го изгради овој конак. Според пресметките, беа потребни 1,5 милиони евра, бидејќи се работи за многу специфична и сложена градба (камени ѕидови, сложени изведби од дрво на фасада и сл.). Со добра организираност и со донации во материјали од многу фирми и со доброволна работа на многу верници, конакот со 3.600 квадратни метри беше изграден за само 300.000 евра.
Новото здание пленува со внатрешната и надворешната архитектура, кое ќе биде спојка на Долниот со Горниот палат. Источен палат има три ката, во кои се наоѓаат 20 монашки ќелии, параклис посветен на св. Никола, манастирска библиотека од 500 квадратни метри, саат - кула со зографилница висока десеттина метри, на која ќе бидата поставени часовници кои ќе го означуваат времето на почетокот на богослужбите, магацински простор и репрезентативни одаи.
Досието „Бигорски“ за можните сторители на пожарот беше затворено во средината на јули, годинава. Гостиварското Јавно обвинителство по темелно испитување и детални истраги и вештачење на предмети од електричната инсталација, катанци, брави и друго, констатира дека пожарот е несреќен случај и нема место за покренување истрага. Испитувањата на стручните екипи покажале дека причина за пожарот била кусата врска на дел од старата електрична инсталација, која минувала под кровот на галеријата на средишниот дел на Горен палат и под дејство на искрење, дошло до палење на изолацијата. |