Поглед
ДДВ на почек
Соња Маџовска
Кризата како бура ја завеа економијата и исфрли на површина многу проблеми кај фирмите. Бизнисмените најотворено и' порачуваат на Владата ако не може да им помогне, да не им одмогнува во работењето, бидејќи и онака си имаат сериозни маки. Од една страна, немаат работа поради откажувањата на нарачките од странските партнери, праќаат стотици работници на принуден одмор и сега, згора на се', како дополнителен удар врз работењето, во последниве месеци со доцнење си ги враќаат парите од државата по основа на ДДВ.
Прашуваат што се случува и кои се причините зошто повратот на ДДВ-то оди многу забавено, а одговор од Владата нема. Бизнисмените потсетуваат како што од нив се бара во рок на 30 дена да го уплатат ДДВ-то за да можат да набават опрема, така и државата мора да го почитува нејзиниот дел од обврските и точно во предвидениот рок да им го враќа данокот.
Од УЈП негираат дека доцни враќањето на ДДВ-то и тврдат дека се' се одвива со несмален интензитет. Велат, неосновани се локалните критики врз централизираниот систем за поврат на данокот. Кој ја зборува вистината, а кој нешто сака да скрие? Зошто бизнисмените би се жалеле токму сега? Зошто не се пожалија пред три месеци?
Иако Владата создава впечаток дека сака да му помогне на бизнисот, сепак, бизнисмените и натаму по средбите со министрите излегуваат без одговор на прашањата: зошто навреме не им се враќа ДДВ-то, какви стимулативни мерки ќе им даде Владата на редовните плаќачи на придонеси и даноци, а не само да им попушта на оние кои и досега лошо работеа. Министерот за економија Фатмир Бесими, неподготвен и како да „не е од тука“ и прв пат да се среќава со економски проблеми, на бизнисмените од Велес во неделата им рече дека ќе ја праша Владата зошто доцни ДДВ-то. |