Мислења
Стоп за сидата - одржи го ветувањето
Марија Луиза Силва Мехијас
Сега е, повеќе од кога и да било, време да се: предводи - овласти - остварува
Од 1988 година лицето на сидата и борбата против оваа болест се во голема мера изменети. Многу од овие промени беа позитивни. Но, сепак, од причина што има само уште две години до рокот за глобалната заложба за обезбедување на „Универзален пристап до сеопфатни програми за превенција од ХИВ, третман, грижа и поддршка до 2010“, сега се потребни силно водство и акција од сите.
Владите мора да ги исполнат ветувањата што ги дадоа. Заедниците мора да ги охрабрат своите членови да предводат. Поединците мора да се чувствуваат охрабрени да добијат потребен третман, лекување, да ги знаат своите права и да преземат акција против стигмата и дискриминацијата, како и да ги познаваат и користат мерките за превенција од добивање и пренесување на ХИВ .
На оваа годишнина, системот на агенции на Обединетите нации им оддава признание на лидерите и земјите кои го поддржуваат зголемувањето на свесноста и преземањето чекори за справување со пандемијата на сида.
Земјава е една од нив и треба да се гордее со тоа. Од усвојувањето на првата Национална стратегија за ХИВ/сида во 2003 година, постигнат е значаен прогрес, така што земјата успеа да задржи една од најниските преваленци на ХИВ во регионот. Клучно за ваквиот успех е политичката волја на владата сериозно и прагматично да ја предводи борбата против ХИВ/сидата, како и подготвеноста да го охрабри и овласти граѓанскиот сектор и да соработува со него во воспоставувањето иновативни сервиси и сервиси за превенција на можна ХИВ- епидемија базирани на докази. Спротивно од она што се случи во други земји, кои сега се соочуваат со брз пораст на стапката на ХИВ/сида, низ земјава се формираа центри за супституционен третман на зависности од дроги, а волонтерско советување и тестирање за ХИВ му се обезбедува на тешко достапното население и она население со најголем ризик.
Светското искуство покажува дека достапноста на доброволното советување и тестирање за ХИВ кај населението со најголем ризик е најзначајна интервенција којашто игра клучна улога во превенцијата и третманот на сидата. Иако е секому јасно дека единствен начин да се спречи ширење на една инфекција е да се знае дека таа постои, значењето на доброволноста на тестирањето и советувањето можеби се' уште не е така очигледно. Сепак, треба да бидеме јасни. Земјите кои не успеаја да обезбедат доброволно и доверливо ХИВ- тестирање и советување или, уште полошо, кои го криминализираа ризичното однесување, како што се употребата на дрога и продавање сексуални услуги, се соочија со брзо ширење на епидемијата со ХИВ. Развојот на настаните е, за жал, добро познат. Стравот од стигматизација, дискриминација и криминализација ги прават оние под најголем ризик да се чувствуваат загрозени, да бидат отфрлени, да се затскријат уште повеќе и како некои отпадници да се впуштат во екстремно ризични однесувања. Пандемијата започнува да се шири меѓу населението без знаење на здравствените служби. Додека здравствените служби станат свесни за тоа, веќе станало предоцна. Така, можноста голем број поединци да имаат здрав и продуктивен живот е загубена.
Добра вест е тоа што националните здравствени служби и граѓанскиот сектор за тоа се повеќе од свесни. Тие и во иднина треба да продолжат и да бидат поддржани во имплементацијата на сеопфатни програми за ХИВ- превенција, третман и грижа за оние кои на им е потребна, а и да се борат против стигматизацијата и дискриминацијата кои претставуваат опасност и плодна основа за можна ХИВ/сида епидемија.
Сега е, повеќе од кога и да било, време да се: предводи – овласти – остварува.
(Авторката е постојан координатор на ООН) |