Јубилеј
Десетче за „Легијата“
По повод десетгодишнината од виреењето низ македонската хип-хоп култура, колективот „Легијата“ вечер 18 декември ќе им подари на обожавателите спектакуларно, јубилејно концертно доживување. Групата, која во последната деценија неуморно, смело и сосема непретенциозно се грижеше за зачувување на вистинскиот хип-хоп звук и дух, во Младинскиот културен центар ќе донесе нова ритмистична пресметка со многубројните фанови и поддржувачи.
Организаторот на концертот „Шурикен продукција“ во комбинација со МКЦ како специјален гостин за вечерта го најавуваат досегашниот бенд на Да Џака Накот, „Колективното свесно наметнато“, кои во придружба на единаесетчлениот состав ќе изведуваат песни со жив бенд – од репертоарот на групата, како и од страничните, поединечни проекти на некој од организмот на „Легијата“. На Тонио Сан, Џака, ЛД Пистолеро, Брус, Џоле Ву, Страјк, Блажеј, Кемп ОД, Ронин , Таззак Акабатов и Диџеј Славе ќе им се придружат српскиот хип-хоп артист Дон Дад, неговиот колега
Скај Виклер, но и диџеј Гоце од култните „С.А.Ф.“
За соодветно одбележување на десетчето, „Легијата“ реши да собере неиздадени песни од долгогодишниот музички опус, да ги стави на носач на звук и да ги подели со јавноста. Албумот ќе може да се купи на настанот по цена од 150 денари.
Инаку, картите за концертот чинат 250 денари и можат да се набават на влезот на МКЦ. Официјалниот почеток на збиднувањето е закажано за 20 часот. (Б.Ш.) |