FX3X е европски шампион за претприемаштво

Компанијата за дигитални ефекти е наградена меѓу сто компании, а ја номинирал Универзитетот Американ колеџ
Катерина Богоева
Компанијата за дигитални ефекти FX3X од Скопје, која работи на низа холивудски проекти, а го сврте вниманието со успешната работа и на филмовите „Авијатичарот“, „Терминатор 4“, „Трансформери“ е добитник на годинешната награда „ „Нов европски шампион за 2011“, која на основачот на компанијата, Кристијан Данаиловски, на 21 јули му беше доделена во Варшава, Полска. Наградата му е доделена на церемонија за уважување на достигнувањата на меѓународниот пазар, организирана на Варшавската економска школа, а како пример за успешен ��ретприемач од земјава, компанијата ја номинирал Универзитетот Американ колеџ, каде што вчера беше одржана и прес конференција.
„FX3X е една од 27-те нови показни примери на претприемачи од Европа, а наградата е доделена во конкуренција од 100 компании, предложени од професори што веќе учествувале во програмата ’Нови европски шампиони‘ во изминатите години. Иницијатори на програмата се Европската фондација за истражување на претприемаштвото, во соработка со IESE Business School (Барселона) и на Варшавската економска школа и се реализира со цел да идентификува модели на претприемачи од Централна и од Источна Европа и од Русија со голем талент за развој на фирми преку иновации во висококонкурентно меѓународно деловно опкружување.
FX3X е нова, иновативна компанија која преку успешен бизнис-модел достигнува пораст во изминатите неколку години на меѓународно ниво и успева своите услуги дури со 90 проценти да ги оствари надвор од Македонија. Ако за Американците модел за успешен претприемач што се бара преку овој проект е Стив Џобс, таткото на „Епл“, тогаш зошто за македонската младина од денес да не биде Кристијан Даниловски.
Се надеваме дека идните генерации ќе успеат да се идентификуваат со нашите јунаци и дека тоа ќе биде доволно за надминување на границите на нашата мала држава“, рече Македонка Димитрова, професорка по претприемаштво на Факултетот за деловна економија при Универзитетот, посочувајќи дека следува фаза на сериозно истражување и развивање на самиот показен пример за FX3X, при што компанијата ќе биде неколку пати ревидирана од најпрестижните професори од Харвард, кои развиле најмногу показни примери во светот денес. „Со тоа се надеваме дека на некој начин ќе успееме да направиме придвижување во образовниот систем и поттикнување на посериозни програми за развој на претприемаштвото кај нас“, рече Димитрова.
„За нас наградата е одлично признание дека сме на добар пат вистински да го живееме нашиот холивудски сон. Мислам дека со ова сите наши напори што ги вложувавме досега добија некоја валоризација и на академски бизнис-план. Сепак, станува збор за престижни академски институции кои направија евалуација на движењето на нашиот бизнис досега. И во овој момент очекуваме голема експанзија, бидејќи самата работа на последните филмови ’Терминатор 4‘ и ’Трансформери‘ доведе до зголемување на потенцијалот за нови проекти. Моментално се потпишуваат договори за повеќе нови големи филмски проекти и ние сме во уште поголема експанзија. Досега имавме 30 вработени, а веќе бараме и нови и сме во интензивен тренинг“, рече Кристијан Данаиловски и ги повика заинтересираните за анимација, визуелни ефекти и за работа на холивудски проекти да им се пријават. „Кога пред седум години се пробивавме во Холивуд, беше многу потешко. Денес светскиот пазар е сосема отворен, глобализацијата си го зема својот замав и е сосема ирелевантно во која земја се работи на одреден холивудски проект. За да се справиме со тоа, ние го спроведуваме принципот што го слушнавме таму - добар си толку колку што е добра последната работа што си ја направил“, рече тој. |