Замина Боро Пејчинов, нашиот аниматор и карикатурист
Неговиот филм „Отпор“ понесе награди на фестивалите во Белград, Оберхаузен, Анеси, Краков, а беше и југословенски кандидат за „Оскар“
Во петокот во Скопје во 69. година од животот почина Боро Пејчинов, еден од нашите најистакнати аниматори, сатиричар, карикатурист и графички дизајнер. Со само шест анимирани филма, тој успеа да се вивне во редот на водечките аниматори во нашата земја, но и во поранешна Југославија и да освои значајни меѓународни награди. Боро Пејчинов беше дел од познатото Студио за анимиран филм при „Вардар филм“, кое, за жал, згасна, па многу автори останаа без никаква можност да го продолжат својот творечки пат.
Боро Пејчинов е роден на 14 септември 1942 година во село Баница, Леринско, Ег��јска Македонија. За време на Граѓанската војна во Грција, заедно со децата-бегалци ќе биде принуден да ја напушти земјата и да се пресели во Македонија. Неговата прва љубов е архитектурата, но набрзо ќе почне да работи како карикатурист-илустартор и новинар во магазинот „Журнал“, додека од 1970 година преоѓа во „Остен“. Во 1972 заминува на студиски престој во Загрепската школа на анимиран филм, каде што учи под менторство на Душан Вукотиќ, и тоа е она што ќе ја одреди неговата кариера.
Во 1977 се вработува во „Вардар филм“ во Студиото за анимиран филм и истата година ќе го направи својот прв филм „Ближни наши“, кој ќе го одреди неговиот стил. Во „Ближни наши“, низ анимациски стории на десет различни теми, ќе се занимава со вечните теми на човековото секојдневје.
Она што стана карактеристика на неговиот опус е предметската анимација. Како што беше кажано во омажот со кој филмските работници го испратија Пејчинов, тој анимираше предмети за да ги каже своите метафори за луѓето и за животот, а некои од неговите филмови го имаа тоа и како симболика во нивните наслови. Тој беше режисер, сценарист и сценограф на своите анимирани филмови, меѓу кои како најзначаен се издвојува филмот „Отпор“. Ова дело со универзална порака и метафора за отпорот на човекот-единка, кој се спротивставува на сите притисоци, се претвори во антологиски филм што му донесе многубројни награди на фестивалите во Белград, Оберхаузен, Анеси, Краков, а беше и југословенски кандидат за „Оскар“.
Покрај „Отпор“, ги направи и „Растење“, „Сепак се движи“, Тоа е мојот живот“ и во 1988 година „Леонардо“, кој, за жал, беше и негов последен филм. „Гаснењето на Студиото за анимиран филм значеше и упропастување на едно тешко стекната традиција. Оттогаш, па до неговиот животен крај изминаа 20 години, кои му поминаа во неподнослива тешкотија на исчекување и чекорење во празно, години на многу неостварени проекти и соништа“, ќе рече Горјан Тозија, претседател на Друштвото на филмски работници. Тој и понатаму работеше како карикатурист и графички дизајнер, но никогаш повеќе не можеше да и' се врати на својата љубов, анимацијата, која, сепак, го одбележа неговиот живот и неговиот опус, но, секако, и еден важен сегмент во развојот на нашата македонска кинематографија. (С.У.) |