Државата нема да враќа имоти, ќе плаќа отштета
Новите законски решенија го ограничуваат правото на сопственост, сметаат правни експерти
Катица Чангова
Денационализиран имот нема да се враќа, а сопствениците ќе добиваат само отштета. Државата добива право да располага со парцели и со земјиште кои се предмет на денационализација и да ја определува нивната цена доколку оцени дека тој имот е од јавен интерес. Надоместот во обврзници е можен само за имотите со тапија, односно за оние што се запишани во катастар.
Ова се дел од новите решенија во Законот за денационализација, кои се во собраниска процедура, а со кои власта смисли побрз, полесен и поедноставен начин како да го заврши процесот што трае една деценија, како да ги изгради важните објекти за кои пречка е сопственоста и како да заштеди буџетски пари, стегајќи ги вентилите за сопствениците на имоти.
Правни експерти сметаат дека новините во Законот за денационализација се понеповолни и поригорозни, бидејќи го ограничуваат правото на сопственост и внесуваат правна несигурност. Туѓиот имот лесно ќе станува државен.
Спорно е тоа што државата добива право не само да располага со имот за кој се води постапка за денационализација туку и да ја проценува неговата вредност во случај да оцени дека е од јавен интерес. Тешко е да се поверува дека обесштетувањето за сопствениците ќе соодветствува со реалната вредност, тврдат познавачи на оваа материја. Ако ваков закон стапи во сила, а тоа е можно со оглед на парламентарното мнозинство, тогаш може да се претпостави дека ќе се решат многу заглавени случаи од денационализацијата, на пример, парцелите на пештанци „Градиште“.
Измените, исто така, предвидуваат да се враќаат само имотите што претходно биле регистрирани во јавната книга за права на недвижен имот. Од оваа новина најпогодена се почувствува Исламската верска заедница, која во катастарска книга нема заведено ниту еден имот, бидејќи со законот што е во сила, тоа не било задолжително. ИВЗ смета дека измените во Законот имаат цел да се национализира нејзиниот имот.
„ИВЗ има само десетина барања за денационализација во Старата скопска чаршија, како што се дуќани, анови, безистени. Со постојниот закон државата има обврска да го врати овој имот на вистинските сопственици и за тоа нема никаква правна и фактичка пречка. Сегашните измени на Законот за денационализација не дозволуваат враќање имоти што се споменици на културата и кои се од посебно значење“, објаснуваат во ИВЗ.
Реагираше и Нова демократија, обвинувајќи дека Владата настојува да не и' ги врати имотите на ИВЗ што ги има во центарот на Скопје, со цел да ги реализира градбите што ги предвидела со изборната програма. „Местото каде што ќе се гради новата Градска куќа и' припаѓа на ИВЗ. Тоа е местото каде што порано се наоѓала Бурмали-џамија, за која сега ИВЗ се спори со Владата. Владата ја прави оваа измена со цел полесно да ги управува туѓите имоти“, сметаат од Нова демократија.
За лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, измените на Законот за денационализација не се добри. „Без разлика на реакциите на ИВЗ, сметам дека со предлозите, Владата ќе направи неправда кон многу други граѓани, приватни фирми и компании. Дотолку повеќе што на овој начин се обидува да ја држи под своја контрола сопственоста и употребата на земјиште“, изјави Црвенковски од Кратово.
Опозицијата е убедена дека целта на денационализацијата е државата да ги врати имотите, а не да исплатува паричен надомест и за малку пари да купува туѓи имоти. Оттаму обвинија дека со измените Владата сака полесно и побрзо да го реализира проектот „Скопје 2014“. Притоа посочуваат на неколку спорни парцели, онаа на плоштадот на која е предвидено да се гради хотелот „Мериот“ и онаа што е во сопственост на Исламската верска заедница, на која ќе се гради новата Градска куќа.
Од владејачката партија потврдуваат дека измените се предлагаат за да се олесни изградбата на објектите што ги предвидела Владата, а кои се од општ интерес, но дека таквите измени немале никаква врска со проектот „Скопје 2014“. Според ВМРО-ДПМНЕ станува збор за полесно градење на автопатишта за да нема проблем како што се случи при изградбата на обиколницата на Скопје. Објаснувањата се дека мала парцела може да блокира цел проект. Во ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека измените на Законот се предлагаат со цел да се олесни изградбата на објектите што ги предвидела Владата, а кои се од општ интерес-
Правни стручњаци се изненадени од законската измена со која за почнати предмети без донесени правосилни решенија се предвидува примена на нов закон. Тие гледаат ретроактивност во ова решение кое го сметаат за противуставно. „Не може за предмет кој е во постапка да се примени нов закон освен ако новиот закон не е поповолен“, се нивните коментари.
Со измените на Законот за денационализација се укинува, односно престанува да постои второстепената владина комисија за денационализација. Ова значи дека предметите од првостепените комисии ќе одат директно во управна постапка. Овој дел од измените се смета за прифатлив затоа што досегашното работење на владината комисија се покажа како неефикасно, скапо и нерационално, а постапката во одлучувањето беше бавна и постојано се оддолжуваше. Меѓутоа и тука има конфузија, велат експертите, со тоа што останува нејасно дали за поднесување на жалба пред Управен суд ќе се плаќа надоместок и колкав ако се знае дека судските трошоци се високи. |