Црвен тепих за двокатниот автобус
Министерот Јанакиески го бендиса прототипот на даблдекерот што ќе се вози по скопските улици од наредната година
Од нашиот известувач Деспина Трајковска
Женгжоу (Кина)- На црвен тепих, украсен со балони и панделки вчера во Женгжоу, Република Кина, забрмче моторот на прототипот вонсериски двокатен автобус со ретро дизајн, наменет за скопскиот јавен превоз. Кинезите ја сработија првата верзија на владината нарачка, а сефте на прототипот во кругот на фабриката на производителот „Јутонг“ направи македонската делегација предводена од министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, придружуван од технички лица од ЈСП, Машинскиот факултет, Бирото за метрологија. При десетминутната тура очите на патниците беа вперени првенствено кон дизајнот, но не изостана ниту интересот за функционалноста и економичноста на двокатниот автобус.
Паѓа во очи препознатливата црвена боја на автобусот со драп покрив и заоблен преден дел на возилото, карактеристичен за автобусите што возеле по скопските улици во 50-тите години. Но, неизбежен е впечатокот дека возилото има европски внатрешен изглед, со вкупно 60 седишта и 20 места за стоење, како и извонреден систем за ладење и за греење. Само неколку минути се потребни да се доживее невообичаенат�� атмосфера возејќи се на горниот кат од даблдекерот. Токму таму, на чело на патниците, беше Јанакиески, кој речиси без емоции, карактеристично за хороскопска Девица, накусо прокоментира дека првиот впечаток за двокатниот автобус е ОК.
„Прототипот е многу блиску да се постигне идеалното. Првично сме задоволни од дизајнот на кој инсистиравме. Очекуваме во скоро време стручните лица да го одобрат исто како и техничките карактеристики“, изјави Јанакиески.
Тој објасни дека по одобрувањето се очекува да се направат втора и трета верзија од прототипот, во која ќе бидат сублимирани сите елементи од аспект на дизајн и безбедност, по што ќе почне и производството. Но, претходно, „третата рака“ на прототипот ќе се промовира и по скопските улици најдоцна до март наредната година. Се очекува тој автобус од Женгжоу да тргне со брод за Македонија на 25 декември и да стаса за шеесетина дена.
Освен реакциите на македонската делегација, свое видување за двокатниот автобус дадоа и од менаџментот на „Јутонг“, за кого автобусите за Скопје се ново дело, имајќи предвид дека станува збор за вонсериско производство, наспроти дневното производство на 170 автобуси, што ја вбројува компанијата на второ место по обем на продажба, веднаш зад „Мерцедес бенз“.
„Ретро дизајнот на кој се инсистираше беше предизвик за нашата компанија да произведе вакви автобуси. Иако дизајнот беше поспецифичен, сметаме дека сработеното го завршивме на бараното ниво“, прокоментира Ниу Бо, генерален менаџер на „Јутонг“.
Во согласност со договорот, 202 двокатни автобуса кинеската компанија треба да испорача во четири тури, во првите две по 68 автобуси, а во наредните по 66. Крајниот рок за првата пратка е ноември идната година, а останатите треба да се реализираат до 2013 година. Два автобуса ќе бидат со отворен покрив и се наменети за туристичко разгледување, а едниот ќе се користи во Охрид.
Инаку, дека Македонија избрала сериозен партнер за зделката вредна приближно 40 милиони евра, според Јанакиески, потврдуваат неколкуте награди што „Јутонг“ ги добила на неодамна одржаниот саем за автобуси во Шангај. Компанијата добила гранд-при за најдобар автобус, за безбедност на автобусите, а истовремено и за заштита на животната средина. |