Ќе проработат електронските екрани на автобуските
Од понеделник времето на пристигнување на „2“ и „5“ ќе се чита на дисплејот кај „СП планет“ во Ѓорче
Сања Наумовска
Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ опреми 26 автобуси кои сообраќаат на линиите „2“ и „5“ со уреди Џи-Пи-Ес. Со податоците за движењето на автобусите, добиени од уредите, в понеделник и во вторник на 25 и 26 јануари ќе се изврши тестирање на еден информациски дисплеј лоциран на автобуската станица кај трговскиот центар „СП планет“ во Ѓорче Петров. Доколку тестирањето е успешно, наскоро ќе проработат и останатите 9 дисплеи поставени на автобуските станици низ градот, информираат во ЈСП.
Овие дисплеи ќе го покажуваат времето на пристигнување на автобусите кои сообраќаат само на овие две линии, се' додека не се набават нови 400 уреди Џи-Пи-Ес и за останатите автобуси, кои се предвидени во тендерот за набавка на смарт-тикетинг и АЛВ.
Новите електронски дисплеи, покрај тој во Ѓорче Петров, се поставени и на Бит-пазар на автобуските станици од двете страни, на „Рекорд“, исто така, од двете страни, на автобуската станица кај Народна банка во правец на центар, кај ТЦ „Бисер“ во правец кон центар, кај пазарот „Буњаковец“ од двете страни и на автобуската станица спроти „Лептокарија“.
„Ги информираме граѓаните дека моментално не е познато дали на дисплејот кај ’СП планет‘, за време на тест-периодот ќе се појавуваат точни податоци за времето на пристигнување на автобусите поради што граѓаните не треба да ги земаат предвид“, информираат од ЈСП.
Оттаму велат дека десетте дисплеи се осветлени и ќе работат и ноќе. Тие се отпорни на ’рѓосување и на вандализам и практично е невозможно да се искршат. Во ЈСП информираат дека засега не планираат набавка на нови дисплеи, бидејќи немаат пари.
„По завршувањето на изработката на елаборатите за микролокации за автобуски станици, кон средината на следниот месец планираме да распишеме тендер за уредување на станиците. Засега не се знае кој модел ќе биде избран, можно е да биде чисто приватна инвестиција или, пак, јавно-приватно партнерство, но, во секој случај, тој што ќе ги уредува автобуските, се разбира, на пофрекфентните ќе мора да поставува и дисплеи“, информираат од ЈСП.
|