Грците не веруваат во компромис за името до 9 јули
Атина не се согласува на компромис за кој во Скопје би се организирал референдум
Грција нема да прифати никаков предлог доколку тој не биде конечен, а нема да се согласи ниту со компромис за кој Скопје би организирал референдум и би немало можност за промена на Уставот.
Ова е констатација на грчкиот весник „Елефтерос типос“ во напис посветен на новата рунда грчко-македонски преговори, која се одржува денес и утре во Њујорк. Весникот, што е редовна практика на грчките медиуми кои се длабоко навлезени во антимакедонската кампања, информира дека ваквиот грчки став ќе му биде пренесен на Нимиц, кој вчера во Њујорк требаше да има консултативна средба со амбасадорот Василакис.
Пишувањето на „Елефтерос типос“ не се разликува од пишувањето на другите грчки медиуми кои предвидуваат дека е мала можноста да биде постигнат компромис за името до 9 јули кога Хрватска и Албанија треба да ги потпишат протоколите за членство во НАТО, а САД настојуваат тоа да го направи и Македонија. За ова тие се повикуваат на дипломатски извори.
Атина, по ветото за приемот на Македонија во НАТО, се обидува да притисне за брзо решавање на спорот со „договарање“ на едно име за внатрешна и меѓународна употреба, како, на пример,„Нова Република Македонија“, но притоа се обидува да наметне извесни измени на националниот идентитет на народот и јазикот (како „славомакедонци“) во Република Македонија.
Грција смета дека има идеална можност да го стори тоа сега кога администрацијата на Џорџ Буш во Вашингтон е на заминување, а претседавач на ЕУ во наредните шест месеци е Франција и декларираниот грчки пријател Никола Саркози. Но, „Елефтерос типос“ ја пренесува и изјавата на шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски, дека е можно приближување на позициите на Скопје и на Атина за името ако Грција го признае правото за самоопределување на македонскиот народ.
Македонскиот преговарач во спорот околу името, амбасадорот Никола Димитров, пред заминувањето во Њујорк имаше средба со шефот на државата, Бранко Црвенковски, и со премиерот Никола Груевски, на која Димитров добил инструкции за средбата со медијаторот Метју Нимиц, но бил потврден досегашниот став дека името на нацијата и на јазикот не можат да бидат тема на преговори со јужниот сосед. Во пресрет на самитот во Букурешт, Скопје испрати сигнали дека некои од предлозите на Метју Нимиц за промена на името на државава претставуваат солидна основа за разговори и постигнување компромис, но по демонстрирањето тврда и арогантна позиција на Атина, разликите станаа уште поголеми.
На средбата во Њујорк, според најавите во Скопје и во Атина, не се очекува нов предлог од медијаторот Метју Нимиц, туку треба да бидат разгледани идеи и сугестии во врска со преговарачкиот процес и да се договори скорешната посета на медијаторот на Македонија и на Грција.
Новата рунда македонско-грчки преговори за името формално е закажана за денес во седиштето на Светската организација, но и двајцата преговарачи, Никола Димитров и Адамантиос Василакис, претходно ќе имаат консултации со Нимиц. (Н.Р.)
|