Фашизам на Интернет
Убавите луѓе основаат банка за сперма и за јајце клетки за посреќните
Лондон - Социјалната мрежа BeautifulPeople.com, на која се дружат само убави луѓе, ја претстави својата виртуелна банка за сперма и за јајце клетки, на која членовите можат да го разгледаат генетскиот материјал на луѓето и да се одлучат за потомството.
Мрежата го овозможува ова затоа што секој родител го сака најдоброто за своето дете, а освен интелигенцијата и квалитетот на карактерот, сите родители сакаат децата да им бидат убави.
Во друштво на убавите луѓе можете да влезете само доколку старите членови проценат дека сте доволно убав за нив. Претходнава зима страницата исклучи повеќе од 5.000 луѓе, кои со текот на времето се здебелиле. Тие веќе не ги задоволувале критериумите за убавина.
-Ако им дозволиме на дебелите да ја преплават нашата страница, ќе го доведеме во опасност нашиот деловен концепт поради што страницата и настана, изјави Роберт Хинтзе, основач на оваа социјална мрежа.
Хинтзе и неговите истомисленици во борбата против грдотијата го претставија овој сервис преку кој сакаат да создаваат убави луѓе.
Вработениот во порталот, Грег Хоџ, изјави дека тие од овој сервис немаат никаква финансиска корист, туку само се јавуваат на барањата на атрактивните донатори.
Иако банката во почетокот била наменета само за убавите луѓе, тој додава дека сега тие сакаат да им помогнат и на грдите поединци за да им о��озможат да имаат убави деца. Тој смета дека тие не смеат да бидат себични со своите одлични гени.
Во BeautifulPeople.com се вклучени над 600.000 луѓе од 190 држави. На порталот најмногу членови има од Шведска, Бразил, Норвешка. (МИА)
|