Број 2739  четврток, 17 јули 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Фељтон
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Свет

Затвореници на морбидната традиција

Околу 20.000 лица во Албанија се фатени во замката на крвното непријателство по 1991 година

СКАДАР - Седумнаесетгодишниот Кристијан Лули ги поминал последните десет години затворен во малата семејна куќа, стравувајќи дека ќе биде убиен ако го премине куќниот праг. За да му помине времето, тој игра видеоигри и црта куќи. Бидејќи не е во можност да оди во средно училиште, тој чита како 12-годишно дете. За девојка не ни помислува. Тој би сакал да биде архитект, и ја презира иднината затворен дома, постојано гледајќи во истите четири ѕида. „Ова е мојот живот“, вели Кристијан, гледајќи тажно низ прозорецот кон забранетиот свет надвор. „За ништо друго не знам откако бев момче. Сонувам за слободата и за тоа да одам на училиште. Ако не се плашев толку, досега ќе излезев надвор. Ваквиот живот е полош отколку затворска казна“.

Несреќата на Кристијан е таа што татко му убил човек во овој сиромашен северен регион на Албанија, каде што античкиот ритуал на крвно непријателство се' уште опстојува. Според канонот, албански закон кој се пренесува од колено на колено повеќе од 500 години, „крвта мора да се плати со крв“. Семејството на жртвата има право на одмазда со убиство на кој било машки роднина на убиецот. Влијанието на канонот бледнее, но со векови беше устав во оваа земја, со правила кои регулираат прашања како сопственост на имот, брак и убиство.

Националниот комитет за помирување, албанска непрофитна организација која работи на елиминирање на оваа практика на крвно непријателство, проценува дека 20.000 лица се фатени во замката на крвното непријателство откако таа во 1991 година повторно се појави, по падот на комунизмот во земјата. Оттогаш 9.500 лица се убиени, а речиси 1.000 деца се лишени од образование, бидејќи мора да останат дома.

Според традицијата секој машки член на семејството доволно стар да носи ловечка пушка се смета за фер цел за одмазда, што прави 17 члена од семејството на Кристијан да бидат погодна цел. И тие, исто така, се затворени во своите домови. Единствено ограничување е тоа што светоста на домот не смее да се прекрши. Жените и децата имаат имунитет, иако некои, како Кристијан, кој прерано созреа, го почнаа нивниот престој во затворот како момчиња. Членовите на семејството на жртвата вообичаено се одмаздниците, иако некои семејства најмуваат платени убијци за да ја завршат таа работа.

Крвното непријателство е вообичаено и во други општества, како на пример јужна Италија, со нејзините мафијашки крвни одмазди; во Ирак, со одмаздничкото насилство меѓу шиитските и сунитските семејства; и во делови од Апалачките Планини во САД. Меѓутоа, тоа е особено нагласено во Албанија, очајно сиромашна држава која се обидува да го одржи владеењето на законот по децениите минати под бруталниот сталинистички режим. Крвната одмазда речиси и да исчезна од Албанија за време на 40-годишното владеење на Енвер Хоџа, комунистички диктатор, кој ја забрани оваа практика, понекогаш погребувајќи ги оние кои не ја почитуваа одлуката, живи во ковчезите на нивните жртви. Меѓутоа, правните експерти во Албанија наведуваат дека ова непријателство повторно излезе на површина по падот на комунизмот, што беше причина за нов период на беззаконие.

Речиси илјада мажи инволвирани во крвно непријателство избегале во странство, некои од нив дури и побарале азил во таа земја. Меѓутоа, десетици лица се пронајдени надвор од границите на Албанија убиени од страна на семејството што бара одмазда.

Исмет Елези, професор по кривично право на Универзитетот во Тирана, кој е советник на владата и полицијата за тоа како да се справат со овој проблем посочи дека неодамнешните промени во албанскиот кривичен закон, вклучувајќи ги пресудите од 25 години до доживотен затвор за оние кои ќе убијат во крвна одмазда, како и строги казни за лицата кои се закануваат со одмазда, помогнале во намалувањето на обемот на оваа практика. Сепак, тој забележува дека некои се' уште му даваат поголемо значење на канонот отколку на владеењето на правото, честопати со запрепастувачки социјални последици. „Помладата генерација повеќе не ги почитува законите на однесување на постарата генерација“, рече тој. „Меѓутоа, крвното непријателство се' уште е причина за голема болка, бидејќи мажите кои се затворени во нивните домови не можат да работат, децата не може да одат на училиште и цели семејства се отсечени од надворешниот свет“.

Александер Кола, посредник кој работи на решавање на крвните одмазди, вели дека најчеста причина за крвно непријателство се споровите околу имотот или земјиштето. Меѓутоа, тој додава дека крвното непријателство, исто така, може да еруптира и по помали навреди. Тој се присетува на еден понов случај во кој десетина мажи биле принудени да останат во своите домови откако машки член на семејството убил продавач кој одбил да му продаде на неговото дете сладолед во корнет. Во друг случај, крвното непријателство кулминирало кога коза пасела на имотот на соседот, што било причина за крвава пресметка.

Социолозите во Албанија посочуваат дека крвното непријателство ја промени традиционалната улога на половите во рурална Албанија, каде што сега жените стануваат хранителки на семејството, додека пак, мажите се принудени да останат дома и да ги извршуваат домашните обврски.

Мајката на Кристијан, Виторија (37), рече дека му наредила на својот син да остане дома кога тој имал седум години, откако нејзиниот сопруг и неговиот брат убиле човек во нивното село по пијана расправија. Таа наведе дека нејзиниот друг син, Клингсман (7), оди на училиште, меѓутоа, и тој наскоро ќе биде принуден да му се приклучи на животот на неговиот брат. Нејзиниот сопруг и девер одлежуваат 20-годишна затворска казна за убиство. „Живеам во константен страв и загриженост дека Кристијан ќе биде убиен, дека тие ги гонат моите деца“, вели мајката, која се потпира на добрата волја на другите да и' помогнат нејзе, на нејзините две деца и нивните две сестри. „Посакувам другото семејство да убие некој од моето семејство, за овој кошмар конечно да заврши“. Таа вели дека испратила посредник до другото семејство во обид да побара прошка, но тоа било бескорисно.

Семејството на жртвата, Симон Вука, не сакаше да коментира. Меѓутоа, Кола, кој посредуваше во случајот, рече дека семејството не е подготвено да прости, бидејќи жртвата имала два малолетни сина кои останале сирачиња. „Многу семејства на жртвите сметаат дека затворањето на сите мажи во семејството на убиецот во своите домови е подобра одмазда отколку да се убијат“.

Кола, поранешен инструктор по физичко воспитание, кој учел решавање на конфликти во Норвешка, рече дека се обидел да помири семејства во крвно непријателство со идентификување на влијателни пријатели или роднини на жртвата кои би можеле да го молат семејството да прости и да заборави. Тој додаде дека молбата за прошка честопати е проследена со нудење златни пари или други подароци од семејството на убиецот. „Им велам на семејствата на жртвите дека проштавањето е многу поважно од одмаздата“, рече тој.

Кристијан, висок и слаб, кој изгледа постар за годините, вели дека го обвинува својот татко, вујкото и застарениот закон за уништување на неговиот живот. Вели дека не е фер тој да биде казнет за гревовите на неговите роднини. Единствен контакт со надворешниот свет го има еднаш во месецот кога група калуѓерки кои вршат добротворна работа во заедницата, формираат заштитен круг околу него и го внесуваат во автомобил за 30-минутното патување до центарот на соседната заедница. Тој наведува дека мечтае за бегство од Албанија, меѓутоа, неговото семејство е премногу сиромашно за да го испрати во странство. Тој би можел да земе оружје в раце и да избега, меѓутоа, стравува дека ризикот би бил смртоносен. „Канонот е полн со идиотски правила за едно друго време“, вели тој. „Тој е тотално нефер и бесмислен“.

Во врска со тоа како крвната одмазда влијае на младите луѓе приказ е и тоа што некои постари членови од албанската популација не добиваат соодветна здравствена заштита, бидејќи не можат да ги напуштат своите домови. Шериф Куртај (62) беше принуден да живее со тумор на грбот и расипани заби. Тој осум години беше затворен во својата куќа откако неговите двајца синови го убија соседот за кои рече дека ги исмејувал момчињата, бидејќи планирале да емигрираат во Германија. Тој наведе дека му е потребна операција што ќе му го спаси животот, но стравува дека ако замине во болница ќе загине од куршумот на одмаздникот. Куртај изјави дека неговите двајца синови, и двајцата се соочуваат со 16-годишна затворска казна, се во бегство откако го извршија убиството. Дури и ако се предадат, се жали тој, тој сепак ќе треба да остане во својот дом. Тој вели дека неговите пријатели се плашат да го посетат од страв дека би можеле случајно да бидат застрелани. Според албанскиот закон, Куртај може да поведе судска постапка против семејството на жртвата, поради тоа што му се заканиле со убиство, а ваквото кривично дело носи затворска казна од најмногу три години. Меѓутоа, тој посочува дека се плаши дека тоа би донело само нова одмазда. „Канонот мора да се почитува“, вели тој. „Крвта мора да биде одмаздена“.

(Интернешенел хералд трибјун)


Статијата е прочитана 433 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Свет
Објавена снимка на сослушување на затвореник во Гвантанамо
Обама ќе и' става крај на ирачката војна
Од експлозија на велосипед-бомба 11 повредени во Пакистан
Бараат отповикување на францускиот амбасадор
Бугарија и Украина се главни извори за шверцот со луѓе во Европа
Баби убивале бездомници за пари
Конгресмен бара импичмент на Џорџ Буш
Обама се соочува со расна сегрегација на изборите во САД