„Макоил“ ја продолжува битката со „Лукоил“ околу земјиштето
За Катастарот нема дилеми, бидејќи „Лукоил“ има имотен лист за земјиштето
Деспина Трајковска
Не стивнуваат обвинувањата од страна на компанијата „Макоил“ на сметка на рускиот конкурент „Лукоил“ околу сопственоста на земјиштето на кое ќе се гради бензинска пумпа. Во исчекување на судската разрешница, сопственикот на синџирот бензински пумпи „Макоил“, Мите Јовановски, обвинува дека судските органи само ја подгреваат ситуација, доцнејќи со издавањето на одлуката за привремено запирање на градежните работи што ги почна „Лукоил“ и покрај поведениот судски спор, во кој „Макоил“ им ја оспорува сопственоста на земјиштето.
„Единствено ‘Лукоил‘ има имотен лист за земјиштето и работата во тој поглед е јасна. Нашата институција не е во ситуација да ја искомплицира работата и покрај тоа што Јовановски упатува обвинувања и на наша адреса. Ние не ја одредуваме сопственоста на нечие земјиште, единствено вршиме евиденција врз основа на приложени документи“, вели Никола Тодоров, директор на скопскиот Катастар и потврдува дека од „Макоил“ поднеле забелешка за земјиштето, приложувајќи го преддоговорот за негово купување.
Но, како што посочува Тодоров, врз основа на тој документ не се издава имотен лист. „Во меѓувреме, сопствениците на земјиштето поднесоа изјава за раскинување на преддоговорот за купопродажба со ‘Макоил‘, што е изводливо, бидејќи со преддоговорот тие не му го предале во владение земјиштето на Јовановски. Неколку месеци потоа, на ‘Лукоил‘ им е издаден имотен лист врз основа на договор за купопродажба, што го постигнале со сопствениците на парцелата, кои се попишманиле од ‘бизнисот‘ со Јовановски“, дообјаснува Тодоров, кој има сознанија дека на Јовановски му биле вратени парите што ги исплатил за земјиштето и тоа вклучувајќи и пресметана камата.
Јовановски, пак, како што вели, не ги примил назад парите, оти сметал дека тоа е недозволиво и апсурдно, имајќи предвид дека автоматски со преддоговорот, тој земјиштето го добил во владение. „Јасно стои во преддоговорот дека, откако сум ги исплатил парите, автоматски сум го добил земјиштето во владение, а не како што тврдат сопствениците дека тоа не е така. Дека станува збор за голема игра во која се вмешани нотари и адвокати, е повеќе од јасно. Доказ за тоа е заверената изјава од нотар, која се смета за валидна, и покрај тоа што потписите на изјавата не се валидни“, тврди Јовановски.
Од „Лукоил“ и вчера не дадоа коментар на неколкудневните обвинувања од страна на „Макоил“. Единствено, мината недела посочија дека поседуваат имотен лист за земјиштето и одобрение за градење, врз основа на кое веќе една недела вршат организација на теренот за изградба на бензинската пумпа во Автокоманда. |