На лозарите им скисна грозјето
Визбите тактизираат со исплата на ланското грозје, лозарите ќе бараат пари преку протести
Ангел Данов
КАВАДАРЦИ - Состојбата во лозарството е многу сериозна. Винарските визби и натаму тактизираат со исплата на откупеното грозје од лани. На лозарите им скисна грозјето. Тие повеќе немаат трпение, бидејќи е доведена во прашање егзистенцијата на нивните семејства. Не исклучуваат масовни протести преку кои ќе ги бараат парите за родот.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димов, од Кавадарци апелираше до визбите за исплата на ланското грозје пред стартот на новата берба. Димов тврди дека Владата нема особени механизми за притисок врз визбите, но најави дека Министерството во соработка со локалната самоуправа и со Здружението на лозарите дека ќе притиснат за целосна исплата на обврските. Тој потсети дека Владата им понуди помош на визбите со поволни средства, но дека тие не покажале интерес.
„Обезбедени се 700.000 евра за секоја апликација за да се исплати грозјето. Ја олеснивме процедурата за извоз на македонското вино. Досега имаме добра реализација во извозот, повеќе од 25 милиони литри вино. Очекуваме визбите да ги искористат добиените средства за отплата на долговите“, потенцира Димов. Тој изнесе податок, според кој, во визбите циркулираат околу 90 милиони литри вино. „Целта е да ги растовариме визбите од залихите вино преку извоз. Го повративме германскиот пазар. Се обидуваме со македонското вино да освоиме и нови пазари, а во тоа може да помогнат нашите дипломатски претставништва“, додаде министерот за земјоделство. Истовремено ги охрабри лозарите да ги тужат визбите што не плаќаат. За следната недела најави состанок на винарите и лозарите, на кој ќе се дефинираат обврските, но и ќе се разговара за претстојната реколта.
Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов, рече дека е срамно тоа што визбите се' уште тактизираат со исплата. Тој информира дека само „Повардарие“ ја исплатило втората рата, а „Тиквеш“ не ја исплатил целосно втората рата.
„Винарската визба ‘Тиквеш‘ има добивка од 60 милиони денари, пари што ќе ги потрошеле за обновување на индустриските капацитети. Тие не размислуваат да го исплатат грозјето“, заклучува Панов. Притоа најави поддршка за протестот на лозарите, бидејќи станува збор за егзистенцијален проблем.
Одговорните во локалната самоуправа сметаат дека се урива Кавадарци, еден од најнапредните или втор по развој во Македонија. „Не смееме да останеме слепи и неми на хајката што се прави против градот и против лозарите“, рече кавадаречкиот градоначалник.
Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ванчо Димитриев, потенцира дека заедно со Фитосанитарната инспекција имаат целосен увид во ситуацијата. Најави дека законите и подзаконските акти целосно ќе бидат испочитувани како од визбите, така и од лозарите.
Лозарите се во тешка ситуација, а има луѓе што не можат да ги купат основните прехранбени производи, предочи лидерот на лозарите, Љупчо Аризанов. „Некои визби делат дивиденда од милион евра, а се однесуваат крајно понижувачки кон лозарите, не исплаќајќи ги обврските“, нагласи претседателот на „Агротиквешија“. |