Арапската пролет не го зафаќа Балканот
Случувањата во арапскиот свет нема да имаат никакво влијание врз Балканот бидејќи тој го преживеа тоа пред 10-20 години
Тамара Грнчароска
Арапската пролет не може да го зафати Балканот, но затоа земјите од регионов мора да се подготват стратегиски да бидат мост што ќе ја поврзува Европа не само со Блискиот Исток, туку и со Далечниот Исток. Ова се дел од заклучоците и тезите од дебата на темата: „Балканот, Израел и арапската пролет“, организирана вчера од весникот „Дневник“. Говорниците во дебатата, изложувајќи го секој својот поглед на она што се случува во арапскиот свет се согласија дека арапската пролет не го зафаќа Балканот, и покрај социјалните п��отестите во Грција, протестите на младите во Македонија или оние од пред еден месец во Хрватска.
Стево Пендаровски, поранешен претседателски советник, смета дека случувањата од арапскиот свет не можат да се префрлат на Балканот затоа што структурните причини за тоа се различни таму и тука. „Таму нема систем на демократија, политичките елити се разединети без визија за општеството, нема независни медиуми, невладиниот сектор е во зачеток, а народот не познава ниту формална демократија“, вели Пендаровски. Сепак, испрати критика до македонската држава дека таа никогаш не го препознавала овој регион на ниедно ниво - економско, политичко или стратегиско. Пендаровски дури посочи дека и враќањето на визите за нашата земја се последица на случувањата на Блискиот Исток и бранот азиланти оттаму во европските земји.
Заменик-министерот за надворешни работи, Зоран Петров, го демантираше ставот за незаинтересираноста на Македонија за арапскиот регион, наведувајќи дека нашата земја е присутна таму „колку што се нашите можности“.
Сем Вакнин, економски експерт и аналитичар, за ефектите на арапската пролет врз Балканот смета дека има три дела - геополитички, внатрешно-политички и економски. Тој смета дека со опаѓањето на влијанието и моќта на НАТО во наредните пет-десет години Балканот ќе треба да стане врската меѓу Европа и Блискиот Исток, како природен мост. Тој, исто така, смета дека поради колапсот на соработката САД - Западна Европа во текот на наредните 20 години, но и поради селењето на седиштето на меѓународниот тероризам од Пакистан на балканските простори и исламизацијата на Турција поради блокадата од ЕУ, Балканот ќе стане критичен регион, но со самото тоа и поважен.
Од внатрешно-политички аспект, пак, Вакнин смета дека арапската пролет нема да има никакво влијание врз Балканот, особено врз оние земји што произлегоа од СФРЈ, бидејќи тие веќе ја доживеаја својата „арапска пролет“ пред десет, дваесет години.
Во однос на економскиот аспект Вакнин смета дека по смирувањето на ситуацијата на Блискиот Исток таму ќе се создаде трговски блок со центар во Израел со кој Балканот ќе мора да соработува. Според него, Македонија мора да ја искористи предноста што ја има од досегашната соработка на македонските фирми со тој регион и да прифати приклучок кон француските и српските фирми што веќе ги земаат тендерите за работа во арапскиот свет.
Од Стопанската комора на Македонија информираа дека економската и трговската соработка со регионот може да биде на многу повисоко ниво, изнесувајќи го податокот дека нашето учество во трговската размена на Блискиот Исток изнесува 0,7 отсто. |