Винарските визби под опсада на лозарите
Винарските визби денеска ќе бидат под опсада на производителите на грозје. Ова го решија лозарите кои во знак на незадоволство од ниските откупни цени на грозјето ќе протестираат се' додека не се испочитуваат ветувањата грозјето да се откупува по лански цени. На вчерашната средба на лозарите и претставниците на винарските визби во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство двете страни не се договорија. Лозарите нагласуваат дека откупните цени, освен што се ниски, не се ниту објавени на сите пунктови. На состанокот присуствувале и градоначалниците од општините кои се најголеми производители на грозје.
„Ќе ги блокираме визбите се' додека грозјето не се откупува по минатогодишните цени“, изјави по средбата Љупчо Аризанов, претседател на здружението „Агротиквешија“. Според него, моментно за килограм „вранец“ винарите даваат од седум до 11 денари, а минатата година оваа сорта се откупувала во просек по 12,5 денари.
Производителите тврдат дека се прават малверзации и со шеќерните единици, кои се еден од критериумите за дефинирање на цената.
„Лани за 18 шеќерни единици се плаќаа по девет денари, а сега ваква категоризација воопшто не постои. Се почнува од 19 шеќерни единици за кои се даваат по седум денари“, објасни Аризанов.
Министерот за земјоделство, Љупчо Димовски, пак, нагласува дека по речиси тричасовна конструктивна дискусија, лозарите и винарите постигнале договор. Тој вели дека посебно треба да бидат задоволни производителите.
„Се надевам дека она што се постигна како конечен договор ќе биде спроведено и во практика, а тоа е да се задржат, генерално, цените на грозјето од минатата година. Тоа беше и претходно постигнато. Но, се случи во исто време да се појави голем дотур на винско грозје, што е грешка, со тоа се согласија и самите производители, а на тоа укажаа и визбите. Затоа количините не можат ефикасно да се прифатат и да се преработат зашто за тоа е потребен период од пет дена“, рече Димовски.
Тој додаде дека цената на грозјето во земјите кои се големи производители, како што се Шпанија, Италија, Франција... не отстапува многу од цената што е актуелна во Македонија, дури за некои сорти грозје е и пониска.
Министерството за земјоделство уште еднаш апелира да има разумна испорака на грозјето за да не се повтори ситуацијата - 200 камиони да бидат паркирани пред капиите на визбите.
Оваа година родот е речиси на исто ниво како лани, а Владата максимално се погрижи да нема проблеми при откупот и пласманот.
„Извозот на винско грозје се реализира и тоа не е никаков проблем зашто забрана нема, но треба да се обезбеди фитосертификат. Не можам да тврдам колкава количина ќе биде пласирана иако постои интерес во соседството и пошироко. Сепак, апелиравме домашните визби да обезбедат простор за сместување на целата реколта“, напомена Димовски. (Д.Р.) |