„Бучим“ го продолжува векот за две децении
Единствениот рудник за бакар конкурира за концесија за рудните лежишта „Боров Дол“ и „Кадиица“
Иван Бојаџиски
Штип - За единствениот македонски рудник за бакар „Бучим“ работа ќе има и во наредните две децении. Со отворањето на две нови рудни наоѓалишта, векот на работа на „Бучим“ ќе се зголеми за уште десет години, па заедно со сегашните рудни резерви што се експлоатираат, овој капацитет ќе може да работи и во наредните дваесетина години. Станува збор за рудните лежишта „Боров Дол“ во соседната општина Конче и за рудното лежиште „Кадиица“ кај Пехчево, за кои радовишкиот рудник преку две свои фирми-ќерки формирани специјално за оваа намена, конкурирал за геолошки истражувања.
„’Боров Дол‘ е оддалечен од нашиот рудник само осум километри и оттаму рудата, ако ја добиеме концесијата, ќе ја носиме со транспортни ленти што е една исплатлива можност. Бакарната руда од ’Кадиица‘, која е оксидна, што значи дека за нејзина преработка не е потребна флотација, ќе ја преработуваме на самото место за што ќе изградиме соодветен погон. Рудата од ’Боров Дол‘ е сулфидна, иста како што е во лежиштето што го експлоатираме сега, што овозможува да се преработува во капацитетите на самиот рудник и што целата инвестиција ја прави исплатлива и профитабилна“, вели Николајчо Николов, претседател на Македонската рударска асоцијација.
„Но, пред тоа ние ќе мораме да вложиме значајни инвестиции во детални геолошки истражувања, па со елаборат за утврдените рудни резерви откако резервите ќе бидат утврдени ќе го очекуваме конечното доделување на концесијата по што ќе можеме да започнеме со работа на терен“, појаснува Николов.
Во Министерството за економија во понеделникот вечерта се отвораа понудите за нови концесии за истражувања во областите на металните и неметалните суровини, подземните води и украсните камења. Над стотина заинтересирани фирми во малата и претесна сала на ова Министерство будно го следеа процесот, со надеж дека секоја од нив ќе ја има најдобрата понуда. Министерството за економија пред 45 дена распиша јавен тендер за доставување понуди за геолошки истражувања на вкупно 73 локации, меѓу кои 54 локации се за неметални суровини, девет за подземни води, осум за метални суровини и два за украсни камења. За сите нив имало многу интересенти.
„Невообичаено голем беше интересот кај нашите фирми за добивање концесија за истражување во овие области што говори дека е профитабилно инвестирање. Големиот интерес е најдобар знак дека од нашава држава има големи потенцијали на разновидно природно богатство и согласно со тоа дека стои потребата од почесто распишување тендери и доделување концесии како за геолошки истражувања, така и за експлоатација на тоа богатство. Конечно, од сето тоа корист ќе имаат компаниите, невработените и државата, која ќе го збогатува буџетот од концесиите“, вели Николов.
Според него, за Македонија е значајно тоа што имаше тендер за доделување концесии за геолошки истражувања, кој дојде по пауза од цели четири години. „Интересот покажа во која насока треба да се развива дел од економската иднина на државата“, вели Николов.
Инаку, во „Бучим“ во тек е реализација на најновата инвестиција вредна девет милиони евра со која треба да се овозможи преку систем на лужење да се искористи оксидната руда од сегашните копови, која не може да се преработува по пат на флотирање во флотацијата на рудникот. На ваков начин се отвора можноста за добивање годишно производство од 2.800 тони катоден бакар, со што вкупното производство ќе се зголеми од 7.000 на 9.800 тони катоден бакар на годишно ниво. За потребите на лужењето ќе се изгради нова хала од 2.000 квадратни метри и ќе се отворат 60 нови работни места. |