Македонската азбука се потврди низ времето
Годинава се навршуваат 65 години од кодификацијата на македонскиот јазик
Трајко Стаматоски
Во историјата на македонскиот јазик ќе останат трајно забележани три датуми: 2 август 1944, 5 мај 1945 и 7 јуни 1945 година.
На првиот датум беше донесено едно од најзначајните решенија на Првото заседание на АСНОМ - дека како службен јазик во македонската држава се заведува македонскиот народен јазик; на вториот датум во весникот „Нова Македонија“ беше објавена азбуката, а на третиот - правописот на македонскиот литературен јазик. Многу е значајно што сите три решенија се донесени од компетентни државни органи: првото - од највисокото државно тело - Народното собрание, второто - од Народната влада, а третото - од Министерството за народна просвета.
Сите три решенија беа многу концизно формулирани: првото - од само еден член - дека македонскиот народен јазик се заведува како службен; второто - од само два члена: првиот дека македонската азбука има 31 буква (со наведување кои се тие во ракописен и „штампан“ вид) и вториот, дека решението влегува во сила со денот на објавувањето, а по текстот напомена од редакцијата кои се новите букви во азбуката - ѓ, ќ, ѕ, л, њ и џ и дека весникот „по технички причини за прво време не е во возможност да прејде одма на употребата на новите букви“; за да добие азбуката поголема тежина на истата страница беше објавен и коментарот „Нашата азбука“ од перото на Никола Минчев, тогашен министер за просвета. Комисијата за јазик и правопис при Министерството за просвета го предложи на 2 јуни дефинитивниот текст на Правописот, а веќе на 7 јуни 1945 година Министерството го објави решението дека тој „се приема како официјален правопис“.
Донесувањето на триве решенија: за употребата на македонскиот народен јазик како службен, за македонската азбука и за македонскиот правопис од компетентни државни о��гани е крајно обмислен потег. Се дава до знаење дека тие прашања имаат сериозен државен, па и национален интерес. Се кажува и тоа дека во нивното оформување учествувале официјални државни претставници, а не евентуално група на заинтересирани љубопитници или обични ентузијасти. Може само да се претпостави како ќе се користеше отсуството на таква поддршка од негаторите што се јавуваат и во други средини при вакви поводи. Познато е добро дека на Вуковата јазична реформа во Србија и се прават не мали пречки се до осумдесеттите години на XIX век. Ние, пак, имаме и посвежи спомени. Во почетните деведесетти години се избегнуваше дури и употребата на самото име македонски јазик при потпишувањето на билатерални договори со источниот сосед и лансирањето на синтагмата „официјален јазик“, што би требало да значи „вештачки“ јазик за разлика од оној што го говори народот, а тој се знае каков е! Оваа нелогичност и пречеше дури и на објективната бугарска јавност, па весникот „24 часа“ (Софија, 15 мај 1994 година) заклучи дека Бугарија самата се заплеткала со признавањето на македонската држава и истовремено со категоричното одбивање да се признае македонската нација и јазик: „На овој начин - се вели понатаму, се заплеткавме во сопствената мрежа и никој на цивилизираниот свет не може да му објасни како е можно на еден народ да му го признаеш правото на независна држава, а истовремено со тоа да му ги негираш неговата националност и јазик“.
Во првите години по кодификацијата поитаа во Македонија мнозина истакнати светски слависти. Сите тие сакаа да го видат на самото место функционирањето на тукушто нормираниот литературен јазик. Нивните впечатоци беа одушевувачки, а прогнозата за иднината на јазикот извонредно поволна. По враќањето во своите земји тие објавија во периодиката соодветни прилози, во кои го изразуваат извонредниот прием на литературната норма од страна на широките слоеви на народот.
Сериозен поглед на македонската азбука даде многу рано, само една година по нејзиното официјализирање, Д. Томчев во списанието „Македонска мисъл“. И покрај некои внимателно изнесени забелешки (припишувањето на слоговна функција на р, можноста „вештиот набљудувач на живиот македонски збор да открива некаков степен на палатизација на согласките л, н, различна во таа на к, г“, која доведува до нивно различно предавање), неговиот генерален заклучок е многу позитивен. Македонското писмо „е изградено - вели тој - врз здрави научни и практични основи. Таква азбука е демократско-прогресивно дело, достапно на широките народни маси и лесно за усвојување“.
Заклучокот, пак, на еден од најголемите светски слависти на своето време Ф. В. Мареш, голем познавач на македонскиот јазик и негов вљубеник е уште подециден: „И македонската ќерка на Вуковата кирилица претставува еден од фонолошки најсовршените графиски системи“.
Овие оценки се изведувани врз определбата за принципот еден глас - еден знак. Македонскиот графиски систем е изграден врз здрави научни основи, со добар увид во традицијата и со уште подобар поглед во иднината.
Патиштата ги раскопачија филолозите по струка: Константин Миладинов - во уводот кон својот Зборник од народни песни со категоричното изјаснување „Правопис употребихне по возможноста најлесен и најсходен со произношението од словата...“; и прекрасниот превод на Православни црковни братства... од Јован Флеров (Фљораф); Ефрем Каранов со недозволувањето неговите фолклорни материјали од Кратовско да се печатат со графискиот систем на познатиот бугарски Сборник за народни умотворения, наука и книжнина и инсистирањето подоцна како рецензент на фолклорните материјали на Марко Цепенков да се печатат со тој свој систем, па редакторот Иван Шишманов бидува присилен тоа и да го прифати; Лозарите (Д. Мирчев, Г. Балачев и др) со градењето свој азбучно-правописен систем во „Лоза“, па бидуваат исфрлени од редакцијата и заменети со лица со поинаква ориентација од нивната; генијалниот Крсте Петков Мисирков со своите образложени ставови за македонската национална посебност и посебноста на македонскиот јазик и др.
Многу од овие ставови и не мораа да им бидат познати на сите членови на Комисијата за јазик и правопис. Доволно беше да се има слух за некои од нив и да се избере вистинскиот пат, доволно беше да се имаат современи гледања при изборот на графиските и ортографиските норми, доволно беше да се има чувство дека се кодифицира јазик што треба да биде средство за општење во едно современо, напредно општество, во една средина која знае што е тоа литературна реч.
Успешноста на изборот на азбучните знаци и на правописните правила ја потврди практиката. Македонскиот литературен јазик постигна во годините на слободен живот восхитувачки развој. На него се разви извонредно богата литература, на тој јазик можат да се изразуваат и најсуптилните чувства. И што е исто така многу важно: практиката не бара никакви промени ниту во графиски, ниту во ортографиски поглед. Сериозна интелектуална средина не гиба без некоја особена потреба во затврдената норма. Таа не дозволува враќање на работите назад.
Сум пишувал многупати за кодификацијата на македонскиот литературен јазик, особено кога се одбележуваа заокружени годишнини од конечната, официјалната кодификација. Сум пишувал притоа за патиштата што морал да ги помине јазикот за да се затврди неговата литературна норма. Сум пишувал подробно за активноста на овој план на многу наши истакнати луѓе на перото, особено со оформено филолошко образование во познати и признати универзитетски центри. Сум употребувал притоа и многу сентенци за објаснување на постигнатиот извонредно брз развој на кодифицираниот израз. Сега ќе повторам една таква изрека искажана во рефератот поднесен на Свечената седница на МАНУ и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ пред три и пол децении, одржана на 6 јуни 1975 година по повод 30-годишнината од донесувањето на македонската азбука и правопис. Таа изрека тогаш често се слушаше кога се зборуваше за македонскиот јазик: „Дека на еден стар, стар јазик, многу доцна му дојде младоста!“ |