Доби државјанство по 101 година
Еулалија Гарсија Матуреј влезе во САД на 12 октомври 1909 година
ВАШИНГТОН - Пред повеќе од еден век откако го помна Рио Гранде и од Мексико влезе во САД, Еулалија Гарсија Матуреј стана американски државјанин на возраст од 101 година. „Се чувствувам навистина добро за она што го постигнав, на моја возраст и со моето здравје“, рече таа. Матуреј, која влезе во САД на 12 октомври 1909 година, доби државјанство на 101- годишнина од нејзиното пристигнување. Таа рече дека првото нешто што сака да го направи како Американка е да гласа на изборите во средина на мандатот закажани за 2 ноември. „Секако дека ќе гласам за најдобриот кандидат“, изјави Матуреј.
Церемонијата на натурализација се случи во вторникот во Федералниот суд во Браунсвил, во државата Тексас, каде што Матуреј го мина речиси целиот свој живот. Таа сега и' се приклучи на елитната листа од само 15 имигранти на постари од 100 години, кои добиле државјанство, според Американското биро за државјанство и имиграциска служба (УСЦИС).
Родена во мексиканскиот град Монтереј, таа надживеала два сопруга, два сина и бесконечна серија правила и американски закони за имиграција. Пристигнала во Тексас во рацете на својата мајка Иларија Мендоза кога имала само шест месеци. Во тоа време било нормално и за Мексиканците и за Американците да ја минуваат границата и во двата правца без да бидат принудени да покажат документација. Самохраната мајка на Матуреј се издржувала со перење алишта и тие заедно живееле мирен живот во Браунсвил.
Во 1940 година американскиот Конгрес го изгласа Актот за регистрација на странци, или Смитовиот закон, со кој се бараше сите недржавјани, кои веќе се во земјата да се регистрираат кај властите. Матуреј се регистрираше заедно со милиони други имигранти и доби сертификат за законски влез што и' бил издаден на 4 април 1941 година. Со поседувањето на овој сертификат издаден од властите таа со децении ја минувала границата за да ги посети семејството и пријателите, без никаков проблем. Сега овој сертификат и' овозможи на Матуреј да стане американски државјанин. Американското биро за државјанство и имиграциска служба ја пофали за напорите. „Само фактот дека на возраст од 101 година оваа госпоѓа сака да стане наш државјанин е чест за нас“, изјави Марилу Кабрера, портпарол на УСЦИС.
Внуката на Матуреј, Јоланда Овале, која и' помагаше на тетка си во процесот на апликација и нејзините подготовки за испитот за државјанство, ја пофали 101-годишната жена за нејзината силна волја и извонреден карактер. „Ова е многу важен ден за сите нас, бидејќи таа заслужи да добие државјанство. Таа отсекогаш била многу добра личност“, изјави Овале. „Таа одговори на секое прашање, затоа и го положи испитот“, додаде внуката, осврнувајќи се на тестот од претставниците на имиграциските служби што го полагаат лицата што сакаат да станат американски државјанин. „Досега не сум видел некој на нејзина возраст што не се откажал од животот. Таа сака да живее. Таа го сака својот живот и е таков тип личност што никогаш немала проблеми со некого“. (Би-Би-Си) |