Германија влезе во Советот за безбедност
Германија се избори за местото непостојана членка на Советот за безбедност на ОН. Политичарите се задоволни од исходот на гласањето во ОН и на него гледаат како на прв чекор во битката за постојано членство во Советот.
Официјален Берлин успеа да го излобира членството во Советот за безбедноста на ОН во следните две години. Германија се натпреваруваше со Канада и со Португалија за двете отворени места за западните држави и успеа да го обезбеди потребното мнозинство од 127 гласа уште по првиот круг гласање. Успехот се гледа како прв чекор во битката да се обезбеди постојано место во 15-члениот Совет.
Министерот за надворешни работи, Гидо Вестервеле, изрази задоволство од исходот на гласањето оценувајќи дека тоа е знак на доверба кон Германија. Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека изборот на Германија како ротирачка членка во Советот за безбедност на ОН е чест и обврска заедно со другите земји. (Дојче веле) |