Дел од чешмите во центарот немаат вода за пиење

Сите ја отфрлаат одговорноста за неработењето на чешмите
Весна Дукоска
Дел од чешмите за пиење вода кои се наоѓаат во центарот на градот не работат подолго време. Високите температури и жештините веќе одамна го зафатија Скопје, а многу чешмички и натаму се суви. Без вода е чешмата на почетокот на паркот „Жена борец“ спроти Градската болница пред автобуската станица кај Зелен пазар, потоа чешмичката на раскрсницата спроти Соборниот храм, кај студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, чешмата на кружниот тек во Дебар Маало.
И покрај топлото време и потребата на граѓаните од разладување и освежување токму во центарот на градот, каде фреквенцијата на луѓе е најголема, од повеќе градски чешми не тече вода за пиење. Одговорноста за неработењето на чешмите не ја презема никој: ни „Водовод и канализација“, ни Градот, ни Општина Центар. Секој ја префрла вината на друг.
Од „Водовод“ велат дека редовно ги одржуваат чешмите кои се во нивна надлежност, додека оние што не работат се одговорност на општините. „Тековно ги одржуваме сите чешми кои се под наша надлежност, но општините си градат нови фонтани и чешми и тие сами треба да се грижат за нив“, вели Бранко Уневски, директор на Секторот за одржување на водоводната мрежа во „Водовод“.
Од Општина Центар потенцираат дека работат сите чешми што се во нивна надлежност. Најважно, според нив, е тоа што работат чешмите во новите паркови на територијата на општината. „Во парковите на територијата на Центар работат сите чешми, вода за пиење имаат чешмите во ’Урбаниот парк‘, паркот ’Опатија‘, ’Жена борец‘ и ’Паркот на новинарите‘“, вели Лидија Неделковска, шеф на кабинет на градоначалникот на Општина Центар.
И од Градот Скопје отфрлаат секаква одговорност за одржување на градските чешмички. Оттаму велат дека надлежноста за нивно работење ја има „Водовод“, како градско јавно претпријатие.
По сево ова излегува дека проблемот за неработењето на градските чешмички треба да се бара на релација „Водовод“ - Општина Центар. Бидејќи, како што појаснуваат во претпријатието, нивна грижа се само фонтаните пред Универзална сала, на влезот во ГТЦ и фонтаната „Лотос“ во Градски парк, а сите други се во надлежност на општините на чии територии се наоѓаат. Тоа , значи дека за чешмичките во централното подрачје одговорност има Општина Центар. Дали со сувите ч��шми надлежните општински власти штедат вода на сметка на граѓаните, најверојатно одговор може да даде единствено Општина Центар. |