Разбојник побегнал од тоалет во судот во Битола

Бегство како на филм пред очите на судското обезбедување
БИТОЛА - Млад битолски разбојник пред распитот кај истражен судија побегнал од тоалетот на Основниот суд во Битола. Бегството се одвивало како на филм пред очите на судското обезбедување. Настанот се случил во минатиот петок по 8 часот откако тројца млади битолчани Јован Т.(25), Горан Ц. (23) и Томе П. (19) биле фатени од полицијата како насилно ограбуваат граѓани.
Тројцата компањони, осомничени за разбојништво, ноќта меѓу четвртокот и петокот ја поминале во притвор и утрото пред да застанат пред истражен судија, еден од нив побарал да оди во тоалет. Судското обезбедување го оставило младиот разбојник сам во тоалетот. Но, иако службеното лице не се оддалечило од вратата на тоалетот, најверојатно, поради недоволно невнимание, вештиот разбојник го искористил метежот низ судските ходници и крадешкум побегнал токму низ службениот влез на судот.
За да биде иронијата поголема, задната врата на Основниот суд во Битола директно води во дворот на битолската полиција. Разбојникот и тука го послужила среќата, па незабележан од полицијата се оддалечил од теренот на СВР Битола и побегнал. Три дена се' до понеделникот од момчето немало ниту абер ниту глас. Но, по три дена слобода, сепак, решил да се врати зад решетки. Така, понеделникот уште рано наутро сам се пријави во битолскиот затвор.
Инцидентот го потврдуваат од Основниот суд во Битола.
„Тројцата беа донесени на сослушување пред истражен судија. Едниот веќе бил внатре, а двајцата чекале надвор. Во меѓувреме, еден од нив побарал да оди во тоалет. Ја искористил големата фреквенција на луѓе во судот и побегнал од службениот влез, кој е многу блиску до тоалетот на само неколку метра. Потоа се криеше, а по бегството сега е во притвор“, потврдува портпаролот на судот, судијаката Милка Бизевска. За насилството и грабежите, тројцата млади битолчани добија триесетдневен притвор, а на бегалецот сега ќе му се суди дополнително покрај разбојништвото и за бегството. За битолската судска практика ваквите инциденти не се чести, иако од судот потврдуваат дека сличен ваков случај имале и предходно, но оттогаш поминале многу години. „Одговорноста за чување и за обезбедување на присуството на приведените е подеднаква не само на судската полиција туку и на службените лица од СВР“, велат од судот. Сепак, за обезбедувачот од судската полиција, чии приведеник побегна, не се знае дали ќе следува казна. За тоа Основниот суд во Битола ќе одлучува дополнително. (А.Б.)
|