Мислења
Меѓународните институции мора да го еманципираат поединецот
Срѓан Керим
Глобализацијата настојува да го пренесе националниот суверенитет, создавајќи нови глобални мрежи надвор од националната моќ
Нашиот глобализиран свет со своите брзорастечки мрежи - на политички алијанси, корпорации, економски центри на моќ, и невладини организации - ги надмина строгите параметри на постојните институционални рамки кои се наклонети да одразуваат изминати идеали на моќната политика. Одржливите решенија на глобалните проблеми со кои се соочуваме денес, како што се климатските промени, тероризмот и одржливиот развој, не можат и понатаму да бидат заробени преку концептите на државно-центричката моќ.
Потребен ни е нов вид интернационализам што задоволува ново глобално општество врз основа на принципелниот прагматизам и заедничката одговорност. Тоа е широко признато и застапувано од се' поголем круг светски лидери, активисти на граѓанското општество, академици и луѓе од сите сфери на животот.
Таа нова парадигма не смее да се изгради околу друг илузорен „светски поредок“ - светот е едноставно премногу комплексен. Наместо тоа, потребна ни е нова култура на интернационализам, нов начин на размислување за нашата заедничка судбина и нашите заеднички одговорности. Треба да биде доволно флуидна и флексибилна за да се справи со нашиот свет што се менува, и треба да ја има благосостојбата на поединецот како свој центар. Преку системот на Обединетите нации се развиени некои важни принципи за да се стави потребниот акцент врз поединецот и да се оди над материјализираните поими за државата и националниот суверенитет.
Како претседател на Генералното собрание на ОН, повикувам на нова култура на меѓународни односи базирана на целосно почитување на човековите права, човековата безбедност, одговорност за заштита и одржлив развој. Тие принципи од своја страна ги опфаќаат основните вредности на слободата, солидарноста, еднаквоста, почитувањето, толеранцијата и заедничката одговорност.
Мора да се дозволи таа нова култура слободно да тече низ мрежата на меѓународните институции. Глобализацијата настојува да го редистрибуира и пренесе националниот суверенитет, создавајќи нови глобални мрежи надвор од националната моќ - пренесувајќи аспекти на регионалните сојузи на држави и еманципирајќи го поединецот да ја примени неговата или нејзината суверена слободна волја. Како и да е, нашите сегашни институционални структури се премногу круто закотвени во меѓународен систем каде што надмоќта и' е дадена на државата како примарен соговорник и вршител на промени.
Иако земјите-членки на ОН усвоија резолуции, ставајќи поголем акцент врз човековите права на поединецот и безбедноста, тие принципи допрва треба да се трансформираат во практична акција, како што премногу јасно видовме во случајот со Дарфур. Потребно ни е фундаментално обновување и радикално премислување за она што го очекуваме од ОН, институциите „Бретон вудс“и од други меѓународни и регионални тела. Тоа е реалниот предизвик за нашата непосредна иднина.
Во рамките на ОН најчесто навестуваната институциска реформа се однесува на Советот за безбедност, иако тоа е само еден аспект од тековните сеопфатни реформи кои се неопходни за да се трансформира организацијата. Како претседател на оперативните сили кои работат на ова прашање, убеден сум дека ако реформите на Советот за безбедност се само за додавање или одземање земји, наместо за модифицирање на нашиот пристап за справување со глобалните предизвици и меѓународните вонредни состојби, тогаш ние ќе станеме заробени во застарена институционална рамка.
Менувањето на составот на Советот за безбедност не смее да биде крај само по себе, колку и да е тоа потребно како прв чекор. Новата култура на меѓународни односи мора да биде дел од реформите на Советот за безбедност. Резултатот мора да биде совет што се базира на еквилибриум на интереси наместо на баланс на моќ и чии членки се подготвени да споделат одговорност, имаат волја и се способни да дејствуваат за да заштитат човечки живот - како телото во крајна нужда - каква и да е и каде и да е заканата. Но, новата култура на меѓународни односи не е само за трансформирање на начинот на кој се сфаќа, практикува и согледува моќта на државата. Давање повеќе моќ на поединецот, исто така, бара луѓето да станат поактивни партнери.
Ако ја погледнеме денешната светска политика, гледаме дека извршната моќ се' уште се однесува на обидите да се создаде поредок, поставувајќи ги многуте „национални интереси“ пред заедничките интереси на сите поединци. Сепак, она што се менува е зголемувањето на можностите за поединецот да направи разлика. Се' поголемиот број НВО и активни членови на граѓанските општества кои имаат улога во обликувањето на меѓународната агенда, е важен дел од процесот. Тоа покажува дека еманципирањето на поединците преку обичните активности е реално во своето влијание и глобално во својот опсег. Тоа е знак на надеж.
Новата култура на меѓународни односи во своето јадро би вградувала принцип дека одговорноста на сите држави, меѓународни институции како и граѓански општества и НВО е да работат заедно во солидарност, со цел секој поединец да се обезбеди со еднаквост на пристап до правата и можностите.
Наша морална и институционална обврска е да ги преобликуваме меѓународните организации за да ги олесниме тие можности.
(Авторот е претседател на 62. Генерално собрание на ОН. Колумната е објавена во панарапскиот дневен весник „Ал хајат“)
|