Солун проблематичен - наши бизнисмени ќе ги снимаат Драч и Бар
Во организација на Стопанската комора, од 17 до 19 јули, македонски бизнисмени ќе имаат можност да ги посетат пристаништата во Бар и во Драч, кои посебно станаа актуелни по годинашните неколкумесечни блокади на солунското пристаниште.
„Драч е блиску до Македонија, но се' уште му недостига добра инфраструктура, патна и железничка поврзаност. Сепак, моментно е една од најсериозните алтернативи на солунското пристаниште“, велат од Групацијата на шпедитери при Стопанската комора. Македонските бизнисмени, пак, кои делумно се веќе присутни таму, Драч го разгледуваат и како идна, главна опција за транспорт. Изминатите неколку години на пристаништето во Драч се направени суштински промени со цел поголема безбедност на стоката, обезбедување поволни тарифи и професионално работење.
Драч се наоѓа во централниот дел на албанското крајбрежје, 160 километри од македонско-албанската граница и во однос на оддалеченоста од Македонија, е второ по солунското. Географската положба го прави исклучително стратегиски важно, директно поврзува три мориња, Јадранско, Јонско и Средоземно. Од политички причини, пристаништето во Драч со години беше затворено.
Пристаништето во Бар, пак, има терминали за сите видови стока, а со оглед на тоа дека е во режимот на слободна економска зона, може да биде дистрибутивен центар од каде што македонската стока би се превезувала кон Македонија или кон други дестинации. Предноста во однос на солунското пристаниште е тоа што цените може да бидат пониски. (МИА) |