Власта си бара градоначалници, а опозицијата лидер
Битки за локалната власт се очекува да се водат во Струмица, Охрид, Центар, Карпош, Сарај и, секако, во Скопје
Александра М. Митевска
Струмичанецот Зоран Заев засега е единствениот актуелен градоначалник кој отворено најави дека планира да ја тестира довербата што ја има меѓу неговите сограѓани, по поддршката што многумина од нив му ја дадоа последниов период, за време на сите перипетии околу случајот „Глобал“. Иако до следните локални избори има уште седум месеци, се' уште се енигма амбициите на другите колеги на Заев од „четвртата власт“, како што е скромна и понудата на нови имиња како можни кандидати за градоначалници од партиите на власта и на опозицијата.
Речиси е извесно дека Струмица е едно од местата за кои ќе се води најжестока битка за локалната власт, бидејќи станува збор за единствената општина во која власта и опозицијата забележаа тесна разлика во гласовите на неодамнешните парламентарни избори. Во сите други општини сега опозициските СДСМ и ДПА ја изгубија битката од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ. Поради тоа, јасно е дека на локалните избори опозицијата практично ќе стартува од нула, за разлика од власта која верува во победа во речиси сите општини.
Дали се можни поместувања од овие позиции во голема мера ќе зависи и од тоа како ќе се развива кризата во опозицијата, особено кај социјалдемократите кои се' уште не се на чисто кога ќе одржат конгрес и кој ќе ги води на претстојните избори.
Затоа, пак, во ВМРО-ДПМНЕ од поодамна течат подготовките за локалните избори, и на големо се испитува пулсот на базата за лицата кои би можеле да бидат кандидати за градоначалници.
„Треба време да се подготви теренот, а не да се чека ден пред избори. Затоа и се прават анализи околу можните кандидати за градоначалници, па и за советници, бидејќи станува збор за функции со сериозни овластувања и со големи надлежности“, вели член на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партиски извори, и во СДСМ се воделе првични разговори на тема „избори“, при што имало размислувања дека би било добро опозицијата да се фокусира на неколку општини каде што би можела да оствари солиден резултат. Од тој аспект, се очекува поголеми битки за освојување на локалната власт да се водат и во Охрид (каде што СДСМ веројатно повторно би одел со досегашниот градоначалник Александар Петровски), Центар (каде што од ВМРО-ДПМНЕ најверојатно не би ја кандидирале повторно Виолета Аларова), Карпош (што до неодамна важеше за упориште на социјалдемократите, за на предвремените избори да се смени сликата). Од општините во рамките на главниот град неизвесна битка се очекува и во Сарај, каде што ДПА го има единствениот градоначалник. Освен тоа, оваа партија на предвремените избори извојува предност пред ДУИ само во Кондово. Сега останува да се види дали во претстојниот период ДПА ќе успее да го амортизира влијанието на ДУИ уште во некоја од општините со доминантно албанско население или, пак, главно ќе партиципира во локалната власт само преку свои членови во советите на општините.
Од друга страна, во ВМРО-ДПМНЕ од сега типуваат на победа во скопските Гази Баба и Бутел, каде што големи шанси за уште по една кандидатура имаат сегашните градоначалници Коце Трајановски и Петре Латиновски, како што е можно и владејачката партија повторно да застане зад Сокол Митровски во Ѓорче Петров.
Но, Трајановски од Гази Баба сега се спомнува и како еден од посериозните кандидати на власта за градоначалник на Скопје, каде што повторно ќе се води клучната битка на локалните избори. Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека овој пат планираат да го побараат фаворитот за главниот град во своите редови, бидејќи досега немаа среќа со градоначалниците „однадвор“ кои беа избирани со вмровска поддршка, за потоа да им избегаат од контрола.
Од опозициските редови за прв човек на Скопје од поодамна како можни кандидати се спомнуваат поранешните градоначалници на Карпош, Стевче Јакимовски од ЛДП, и Андреј Петров, кој неодамна, сепак, реши да се пресели од локалната во законодавната власт. Од СДСМ велат дека овие варијанти и натаму се во оптек, иако не се исклучува и можноста да се избере и некоја трета опција.
Главниот град е во фокусот на СДСМ, од каде што упатуваат и на традиционалното опозициско расположение на скопјани, иако на последните парламентарни избори тие покажаа поголема наклонетост кон десницата.
Во политичките кругови се прогнозира дека по одморите би требало да се засилат лицитациите околу потенцијалните кандидати за носители на локалната власт, особено ако се имаат предвид најавите дека владејачката гарнитура, потпирајќи се на двотретинското мнозинство во парламентот, би можела да иницира измени во Законот за локална самоуправа, во насока на поместување на датумот на изборите кон крајот на годинава. Сепак, оваа варијанта изгледа се' помалку веројатна, бидејќи на политичките актери им останува малку време за нејзино спроведување, а од друга страна и затоа што на „забрзувањето“ на локалните избори се гледаше како на можност за нивно спојување со евентуалниот референдум за името, со цел да се подигне мотивираноста на граѓаните да излезат на гласање, бидејќи одѕивот од над 50 проценти е услов за успешност на референдумското изјаснување. Но, со оглед на искомплицираноста на преговорите меѓу Македонија и Грција, се чини, мали се шансите во догледно време да се постигне некаков компромис за името кој потоа би се вметнал во референдумско прашање. Според постојната регулатива, локалните избори треба да се спроведат во март 2009 година. |