Ќе се распушти ли Советот на Неготино?
Ангел Данов
НЕГОТИНО - Општина Неготино е на привремено финансирање откако опозициското мнозинство во Советот не го усвои буџетот за 2011. Според законските прописи, доколку до крајот на март не биде усвоен буџетот, Советот ќе се распушти.
„Ова се случи поради скратувањата на средствата во делот на привремени вработувања, патувања во странство на градоначалникот, репрезентации и други непродуктивни трошоци. Со парите за привремени вработувања градоначалникот планирал вработување на свои партиски војници“, вели Васко Стефанов, советник од редовите на СДСМ. Опозицијата објаснува дека потоа градоначалникот го повлекол буџетот од дневен ред и дека не преостанало друго освен да донесат одлука за привремено финансирање на општината.
Претседателот на Советот, Сашо Николов, објаснува дека таквата одлука ја донеле заради нормално работење на институциите што се под капата на локалната самоуправа. Свои аргументи за повлекувањето на буџетот има и градоначалникот Пане Трајков. Тој вели дека се одлучил на таков чекор затоа што амандманите што ги предложиле СДСМ биле без образложение. Според него, зад тоа стојат скриени мотиви, пред се', „личните интереси на дел од советниците, кои вешто манипулираат врз основа на потребите на граѓаните на Општина Неготино“.
Граѓаните на Неготино поради недоразбирањата меѓу опозицијата и градоначалникот, ќе мора да трпат нова блокада. Во Неготино се запрени сите активности. И лани поради недоразбирања, Советот на Неготино со месеци не можеше да одржи седница. Граѓаните велат дека е подобро Советот да се распушти и да се изберат нови претставници, бидејќи актуелните во преден план ја ставиле политиката и личните интереси наместо интересите на градот и на општината. |