Брoj 2785  петок, 12 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Мислења

Френсис Фукојама: пророк или апологет

Љупчо Печијарески

Останувајќи заробеник на неолибералниот капитализам, Фукојама не сака или не може да види дека историјата тече натаму

Пред една недела или, попрецизно, минатиот четврток, на просторот за колумни, беше објавен текст од познатиот американски политиколог Френсис Фукојама, со наслов: „Дали влегуваме во светот на автократите“, во кој авторот по којзнае кој пат се навраќа на својата основна теза, изнесена во неговиот крајно провокативен есеј „Крајот на историјата“, објавен во 1989 година, според кој, како резултат на триумфот на Запад и западната идеја, односно победата на либералната демократија, светот влегува во помирни води во кои идеолошките конфликти и студената војна стануваат минато. Три години подоцна Фукојама, свесен за радикалноста на своите размисли изложени во претходноспоменатиот есеј, ја објавува книгата со наслов: „Крајот на историјата и последниот човек“, каде што уште еднаш, сега низ многу пообемна елаборација, ја повторува својата основна премиса: „Она на што ние можеби сме сведоци не е само крајот на студената војна или минување во еден посебен период на повоената историја, туку крај на историјата како таква; ова е крајна точка на идеолошката еволуција на човештвото и универзализацијата на западната либерална демократија, како конечна форма на човечкото владеење“.

Без да навлегуваме во анализа на бројните коментари, најчесто критички ориентирани, евидентно е дека станува збор за пророчка опсервација на иднината која во основа е антидијалектичка (иако Фукојама во нејзиното методолошко елаборирање се повикува на Хегел, па дури и на Маркс – творците на современото сфаќање на дијалектиката), а со самото тоа, во голема мера, и неотпорна. Притоа, во извесна смисла, можеме да се согласиме со Фукојама дека основните принципи на либерализмот, и во економската и во политичката сфера (пазарната економија, приватната сопственост, слободата на избор, либералната претставничка демократија), триумфално се наметнаа како основни вредности на современото живеење, односно претставуваат општоприфатени детерминанти во градењето на новиот светски поредок. Сепак, она со кое не можеме да се согласиме е фактот дека таа победа е апсолутна и автоматски води кон целосна хармонизација на спротивставените идеолошки концепти, односно создава претпоставки за крај на историјата (историјата сфатена во хегелијанска смисла, како историја на развојот на мислата – идејата). Едноставно Фукојама, истовремено, на индиректен начин промовира три поттези, кои многу тешко можат да се одбранат. Првата се однесува на арогантното инаугурирање на западната култура (нејзината политика и економија) како трајно супериорен модел во однос на другите цивилизациски вредносни матрици (културни системи). Втората е во функција на глорификацијата на либералната доктрина при градењето на општествените институции. Третата, пак, упатува на тешко одржливиот заклучок дека човештвото ги надминало фундаменталните противречности и доаѓа во фазата на трајна стабилност.



Свесен за овие слабости, Фукојама во своите следни дела се обидува, на еден суптилен начин, да релативизира еден дел од своите проблематични тврдења. Така, во студијата „Судир на културите“ (1995) тој, сепак, ја заговара историјата во плурал, односно признавајќи го коегзистирањето на различни цивилизации и култури, тој истакнува дека секој народ, во согласност со сопствената културолошка матрица, го зборува својот јазик на „доброто и злото“. На тој начин, во извесна смисла, признава дека не е дојден крајот на историјата, односно дека различните култури, а со самото тоа и различните идеолошки пристапи, се' уште паралелно постојат. Исто така, и во својата следна книга „Градење на државата – управување со дваесет и првиот век“, објавена во 2004 година, Фукојама врши извесна ревизија на своите првобитни ставови во однос на супериорноста на либералната доктрина, кога е во прашање градењето на општествените институции. Имено, тој се одрекува од тврдиот либерален став дека државата треба да претставува само „ноќен чувар“ и предлага (особено кога се во прашање земјите во транзиција) зајакнато и автентично градење на државните капацитети, критикувајќи го Вашингтонскиот договор во кој исклучиво се инсистира на намалување на државните надлежности и крајна послушност кон меѓународните ментори: ММФ, Светска банка и слични институции. Притоа, тој ќе забележи дека „ваквиот пристап е погрешен и контрапродуктивен, затоа што се условуваат земји кои немаат капацитети да го исполнат она што се бара од нив, а од друга страна, доколку тие ги поседуваат тие капацитети, не е потребно да бидат условени“. Во секој случај, идеологот на неолибералниот капитализам се јавува во улога на пропагатор на зајакнување на државниот сектор, како предуслов за поуспешно надминување на транзицискиот период што, мора да се признае, е контрадикторна позиција.



Сепак, тоа не значи дека Фукојама го напушта своето неолиберално убедување, ами напротив, само се обидува да се приспособи на реалноста, која ги негира неговите претходни тврдења. Во тој контекст, во последниве две години, во неговите пишани текстови, предавања и медиумски настапи тој се' повеќе се ориентира кон практичните проблеми и прашања поврзани со новонастанатите состојби. Така, во неговото дело „Америка на крстопат демократија, моќ и неоконзервативна оставина“ (2006), Фукојама во целост го менува својот став во однос на американската интервенција во Ирак, при што од нејзин отворен поддржувач се претвора во нејзин жесток критичар, обвинувајќи го Буш за водење екстремна политика. Исто така, предмет на негов интерес е и зголемувањето на политичката и економската моќ на Русија и на Кина на светската сцена.

Евидентно свесен за неуспешноста на својата пророчка мисија, збиена во синтагмата „крај на историјата“, Фукојама во последно време покажува слух за она што се случува во реалноста, која е преполна со противречности и конфликти. Притоа, тој одново се обидува да ја проценува во духот на неолибералниот политички концепт. Така, според него, опасностите за безбедноста и мирот во светот произлегуваат од недемократскиот карактер на владеење на автократите од типот на Путин, Ху Џинтао... или диктаторските режими на Мушараф, Мугабе, Кастро ..., при што „првите се помалку опасни, затоа што се подготвени да и' се покорат на демократијата“. Имено, тој воопшто не сака да прифати дека настанатите конфликти не се одраз само на владеењето на определени личности – лоши момчиња (автократи и диктатори), туку во нивната суштина се кријат длабоки општествени антагонизми зад кои стојат спротивставени интереси во сферата на капиталот и моќта. Останувајќи заробеник на заслепувачкиот сјај на моменталната моќ на неолибералниот капитализам, Фукојама во улога на негов главен апологет не сака или не може да види дека ис��оријата тече натаму, при што се' додека постојат спротивставени интереси, ќе постојат и конфликти, кои не само што можат да предизвикаат студена војна туку и повеќе - воени конфликти од глобален карактер со застрашувачки епилог.

(Авторот е универзитетски професор
)


Статијата е прочитана 1044 пати.

Испрати коментар

Од: Filozof
Датум: 12.09.2008 00:22:28
Malku nesoodveten e tekstov kako za univerzitetski profesor po sociologija. Mislam, super e kriticki da go analizirame Fukujama, i mnogu lesno, ama da e podlaboka analizata. Znaci, Pecijareski saka da kaze, ne e tocno deka e dojden krajot na istorijata, seuste ima konflikti vo Irak, Palestina, Rusija, Kuba. Koga ke se resat ovie, i koga kapitalizmot srekno ke zavladee i tamu, duri togas ke imame mir (sledstveno, kraj na istorijata). Epa edno golemo NE, profesore! Ova sto go kazuvate samo go poddrzuva Fukujama. Podlaboka i potocna kritika na Fukujama e deka kapitalizmot i liberalnata demokratija duri i vo nivnoto sovrseno vladeenje (kako na primer vo zapadna Evropa) nema da bidat beskonecno stabilni. Toa duri i vo denesno vreme se navestuva, primer preku ekonomskata stagnacija.
Од: иден политиколог
Датум: 12.09.2008 00:46:00
Страшно сум поспана. Го читам текстот. Добар е. Само незнам која е алтернативата на неолиберализмот.
Од: Елефтериј
Датум: 12.09.2008 02:14:29
Одлична статија професоре.Само продолжете така!
Од: Гаго
Датум: 12.09.2008 06:39:32
Статијата е напишана крајно професионално. Има што да се прочита и што да се научи. Доста е само од дневнополитички текстови во кои се сее омраза. Ни требаат објјективни и аргументирани текстови кои ни отвораат нови видици. Историјата во секој случај оди понатаму. Таа не може да застане, животот е постојано движење. Работите се менувале и ќе се менуваат. Ништо не е трајно и вечно.
Од: Apologet
Датум: 12.09.2008 07:32:23
Odlicn tekst i eden vid analiza i kritika na apologetskite tezi na zapadniot neoliberalizam i zapadnata demokratija na g-dinot Fukojama.Novite globalni civilizaciski procesi i potresi sto se slucija nakrajot od 90-tite i pocetokot na 21 vek gi negiraat takvite tezi na Fukojama, pa vo slednite negovi dela i tekstovi istiot pokusava da izvrsi blaga korekcija na svoite tvrdenja, no sepak ostanuva i ponatamu tvrdokoren apologet na zapadnata demokratija i liberalizmot ,kako univerzalna i konecna forma na covekovoto vladeenje, a negiranje na site drugi idei i protivrecnosti vo covestvoto.
Од: Даме
Датум: 12.09.2008 09:34:12
Професоре, сакам да Ви честитам, затоа што пишувата за проблеми за коишто малку кој пишува во Македонија. Само продолжетр и понатаму така, темелно и доследно, да ги елаборирате своите ставови.
Од: Ивец
Датум: 12.09.2008 11:13:54
И некои други,ама ДАМЕ и ГАГО се многу интересни и длабокомислечки. Особено затоа што ОД уважениот професор кој само евидентира (а и нема простор за повеќе) некои одредници од дебелото “Досие“ Фукајама, барат „само да продолжи и понатаму така, темелно и доследно, да ги елаборира своите ставови“! Кулку и леле!

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Зденко
Постудено и со пониски температури за десетина степени
Не е крај на светот
На Тачи му бега кормилото од раце
Нема бегање од реформите
Демократија во чашка пиво
На Скопска Црна Гора фатени 66 дрвокрадци
Поскапата струја ќе ги погоди малите бизниси
Керим го завршува претседавањето со ОН
Нова се олигархија создава
Полска на хоризонтот по гостувањето во Талин
Eкспертите и' порачаа на Маковеј
Вербатим