Брoj 2781  сабота, 06 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
На прво место

Битка да се освои Скопје

Владата има големи ресурси да се меша во ингеренциите на градоначалникот на Скопје. Трифун Костовски има можности за маневар, но тие се ограничени

Билјана Ангеловска

На градоначалникот на Скопје, Трифун Костовски, очигледно му претстои тешка битка за да го истера докрај својот мандат. Иако беше независен кандидат, Костовски на функцијата градоначалник дојде благодарение на поддршката на ВМРО- ДПМНЕ, која во време на локалните избори беше во опозиција.

Но, како што се покажа, хармонијата во бракот од интерес траеше кратко, бидејќи по релативно кусо време градоначалникот ја изгуби поддршката и не само што остана осамен на чело на градската администрација туку доби и редица противници.

ВМРО-ДПМНЕ нема свој градоначалник на Скопје уште од 1996 година. Јове Кекеновски, практично, беше последниот вмровски градоначалник, во тоа време претседател на Собранието на Град Скопје. Навистина, на локалните избори истата година, Ристо Пенов седна во градоначалничката фотелја со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, но од редовите на тогашниот коалиционен партнер - Демократска партија.

Пред Пенов, сите први луѓе на Скопје беа од ВМРО-ДПМНЕ, почнувајќи од Милан Талевски, кој во 1991 година беше избран за претседател на Градското собрание, а Павле Константинов на тогашниот Извршен одбор на Скопје. По нив беа Горан Николовски на Собранието и Љупчо Николовски - Фуфо на ИО. Јове Кекеновски го замени Николовски, кој загина во сообраќајна несреќа.

Демократска партија се фузира со Либерална партија и како ЛДП го смени коалицискиот партнер и се здружи со СДСМ, по што Пенов доби втор мандат. Оттогаш траат обидите на ВМРО да го преземе раководењето со главниот град. Се чинеше дека со Трифун Костовски тоа конечно и' успеа, но очигледно, партијата, која сега е на власт, незадоволна е од Костовски.

Последните случувања на релација Влада - Град Скопје, само ја потврдуваат констатацијата дека централната власт, подготвувајќи се за претстојните локални избори веќе подолго време води битка за Скопје. Наметнувањето свои идеи за урбанистичкиот изглед на центарот на градот, без воопшто да се земе предвид ставот на градското раководство, блокирањето на сметките на некои градски претпријатија од страна на УЈП, одбивањето да се дадат субвенции на ЈСП, потоа одлуката да се доделат пари за да се купат нови автобуси, но со наметнување на волјата на централната власт колку и какви автобуси, потоа ангажирањето градски претпријатија без знаење на градоначалникот во владини акции и, последно, именувањето свои луѓе во управните одбори на градски јавни претпријатија, се највпечатливите потези на централната власт во нејзината стратегија за преземање на Скопје. Владата со тоа покажа де��а веќе не дејствува во ракавици, туку излезе на отворено бојно поле.

За универзитетскиот професор и поранешен прв човек на Скопје, Јове Кекеновски, кој неофицијално се спомнува како еден од посериозните кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за иден градоначалник, нема дилема дека Костовски е неуспешен градоначалник, исто како што нема дилема и дека Владата се обидува да изврши влијание врз Градот Скопје, што претставува директна атака на функцијата градоначалник.

„Ме чуди отсуството на желба за соработка, пред се', кај Костовски. Тој е сега навреден, бидејќи Владата дава пари, а му диктира што да купи со нив. Но, тоа се решава, иако Владата ќе удира контри, како што е именувањето членови и претседатели на управни одбори. Сепак, мислам дека Владата претерува, бидејќи се обидува да направи нешто на шест месеци пред избори“, вели Кекеновски.

Желбата за власт донекаде може да ги оправда постапките на Владата. Но, иако во политиката има многу валкани работи, прашање е дали и колку е добро и централната и локалната власт да се со ист политички префикс. Според Кекеновски, начинот на кој се практикува демократијата кај нас, покажува дека е многу подобро ако партијата што е на власт има и свој градоначалник.

„Јас не се согласувам со тоа. Градот си има свои комунални проблеми, тој е институт кој постојано функционира и не смее да се кочи неговата работа. Владата, ако има желба, може да дава пари и да помага, а потоа да бара отчет како се трошени парите. Има механизми како да се контролира“, вели Кекеновски.

И за Вања Михајлова, независен експерт од сферата на антикорупциското дејствување, подобро е градоначалникот да не е од партијата што е на власт. „Ако сакаме да имаме подобра политика во водењето на локалната власт, не е добро градоначалникот на Скопје да е од иста партија со централната власт, бидејќи така излегува дека сите треба да мислат исто. Независно од која партија е градскиот татко, тој треба да се остави слободно да ја врши својата функција согласно со законот и спрема приходите што ги остварува. А, како го прави тоа, ќе го кажат граѓаните. Секако дека треба да постои одредена координација со централната власт, но мора да има независност во водењето на политиката на градот“, појаснува Михајлова и потенцира дека е недозволиво Градот Скопје да биде еднаков со другите општини.

Таа смета дека мора да се направат одредени измени во Законот за Град Скопје и да му се дадат многу поголеми овластувања на градоначалникот, бидејќи не постои метропола во светот каде што не се зема предвид мислењето на градоначалникот за изгледот на нејзиниот центар.

Наметнувањето на власта да спроведе свои замисли во работењето на Градот Скопје, коментаторот на „Дневник“, Катерина Блажевска, не го гледа како подготовка за локални избори. „Да се работи за тоа, би било најбезболно. Ова е тежок упад на централна во локалната власт. На ваков начин се губи смислата на децентрализацијата. Со поставувањето свои, владини луѓе во управните одбори на градските јавни претпријатија се врши контрола на нивното работење, а таа контрола никако не води кон осамостојување на локалната власт. Дури и да е тоа покриено со законски измени, таквите измени претставуваат криминогено однесување и волунтаризам, ништо друго“, смета Блажевска.

Факт е дека минималните ингеренции на градоначалникот на Град Скопје му ги врзуваат рацете за слободно дејствување. Уште ако тој не е од редовите на владејачката партија, тогаш и тоа што малку може да го направи, тешко се реализира. Сосем ирелевантно е дали станува збор за Трифун Костовски, или за некој друг. Очигледно, најважно е да се припаѓа на власта, оти познато е дека секогаш вишокот средства Владата го распоредува кај своите градоначалници. Доказ е тоа што општинските градоначалници направија многу повеќе од градоначалникот на Скопје.

„Сепак, многу работи зависат од самиот човек. Костовски е неинвентивен, речиси неамбициозен, затоа и се доведе во оваа состојба“, тврди Јове Кекеновски.

И градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, кој доаѓа од редовите на ДУИ, смета дека во Македонија е многу тешко да се биде независен градоначалник. Тој не сака да ги коментира случувањата на релација Костовски - Влада, но појаснува дека доколку тој би бил во слична ситуација, тогаш не би го реализирал тоа што му се наметнува, туку би се обидел да ги спроведе своите ингеренции. „Тоа би го постигнал со политички средства“, накусо прокоментира Меџити.

Последните владини потези ја наметнуваат констатацијат�� дека централната власт ја сфаќа локалната како конкуренција. Ваквото практикување и демонстрирање моќ, несомнено, укажува на намерата да се соберат политички поени. Иако до локалните избори има речиси половина година, очигледно Владата смета дека тоа не е доволно време за да ги придобие скопјани.

Иако е свесна дека Трифун Костовски нема повторно да се кандидира, тој и јавно го кажа тоа уште пред една година во интервју за „Утрински весник“, централната власт сака да игра на сигурна карта. Дали ќе успее во намерите, останува да се следат нејзините следни чекори.

 

 


Статијата е прочитана 1716 пати.

Испрати коментар

Од: velko
Датум: 06.09.2008 00:35:40
penov za gradonacalnik!!!!!!!!!!!!! toj gi znae problemite na skopje i za 4 godini ke napravi Evropska metropola. Glasam za penov i ako ne sum od SKOPJE!!!!!!!!!!!!!!!!!!
Од: European
Датум: 06.09.2008 05:35:56
Ajde Skopje selo veselo so Grujo na vlast. Napred vo sreden vek....
Од: Andon Azmanov
Датум: 06.09.2008 13:07:27
Pod itno Trifun da si odi od funkcijata gradonacalnik,da dojde covek sto ke misli na gradot i na negovite potrebi!Dosta se zali ,a ne prevzema nisto!
Од: kemal
Датум: 07.09.2008 19:53:33
Jas mislam deka,najdobra mozna varijanta za iden gradonacalnik na Skopje da bide dr.prof.Jove Kekenovski,koj voedno e i nastrana od politikata, so obzir deka, otide vo vodi na naukata(znaci, relativno e neutralen igrac).Go predlagam dr.prof.Jove Kekenovski za iden gradonacalnik na grad Skopje ,koj i voeno imase rezultati , a e i relativno mlad covek.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
На прво место
Црвенковски

Соопштение
Поради годишни одмори, од 25 август до 15 септември, ќе се објавуваат само коментарите пристигнати до 17 ч.