Политички пресинг врз охриѓани пред вториот круг
Предноста на Петрески од СДСМ во однос на Нанче од ВМРО-ДПМНЕ е тесна, само 792 гласа
Симон Илиевски
ОХРИД - За градоначалничкото место во Охрид на 5 април ќе се води жестока битка меѓу кандидатот на СДСМ, Александар Петрески, и на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Трендафилов-Нанче. Во првиот круг Петрески освои 13.770 гласа, а Нанче 12.978 гласа. Разликата во корист на Петрески е тесна, само 792 гласа. Истите двајца кандидати беа во трка и на минатите локални избори, а тогаш победи Петрески.
Исходот во вториот изборен круг ќе зависи од прегрупирањето на гласовите на отпаднатите четворица кандидати, но и од бројот на излезените граѓани. Поради важноста на Охрид, двата табора ги зајакнуваат изборните штабови со луѓе од партиските централи. Тоа се потврди со информацијата дека за вториот круг во Охрид од ВМРО-ДПМНЕ ја задолжиле министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.
Партиските табори кои се сигурни во победа на своите фаворити веќе прават процени каде ќе завршат пренасочените гласови и на чии конта. Во опозициската партија веруваат дека Петрески би добил нов мандат кога бројот на гласовите од 22 март би останал ист и кога на тоа салдо би дошле и 3.700 гласа на елиминираните кандидати од НСДП и од ЛДП, за кои неофицијално се преговарало на локално ниво.
Во штабот на Кирил Трендафилов-Нанче од ВМРО-ДПМНЕ се' уште се водат преговори со ВМРО-НП за пренасочување околу 1.300 гласа од кандидатот Томе Гиновски и на оние кои гласале за нивната советничка листа, што се двојно повеќе. Во пресметките се' уште не се калкулира со гласовите на Љубе Бошкоски, чии симпатизери можат битно да влијаат врз конечниот исход во изборот на градоначалник на Охрид.
Додека партиите ја усовршуваат математиката калкулирајќи со гласови и диктираат темпо со меѓусебни обвинувања кои станаа секојдневен декор, граѓаните се под силни притисоци. Дел од нив се соочуваат и со закани за бркање од работа. Меѓу охриѓани се' погласно се зборува дека зајакнувањето на притисоците може да биде контрапродуктивно и да предизвика револт со неизлегување на гласање. Така би паднале во вода партиските пресметки за очекуваниот изборен резултат.
Партиските калкулации овој пат ќе мора да ги имаат предвид и резултатите од гласањето за членови на Советот на Општина Охрид. За разлика од гласањето за градоначалник, тука состојбата е поинаква, па така ВМРО-ДПМНЕ има девет, а СДСМ седум советнички места. Без разлика кој ќе биде избран за градоначалник, ќе има проблем да состави мнозинство во Советот од 23 члена, зашто тоа ќе биде основен услов за спроведување на проектите на градоначалникот.
Исходот ќе зависи од прегрупирањето на гласовите на отпаднатите кандидати, но и од одѕивот: Александар Петрески (лево) и Кирил Трендафилов-Нанче (десно)
„Во првиот круг се водеше нефер кампања. Така е и меѓу двата круга, зашто се вршат притисоци врз работените во државните и во јавните претпријатија и во неколку фабрики. Делат брашно, масло и скапи подароци за да соберат повеќе гласови“, обвинува Александар Петрески, кандидат за градоначалник од СДСМ. Тој ги отфрла обвинувањата дека недомаќински работел како градоначалник и дека не изградил капитални објекти. Притоа, објаснува дека од Охрид направил општина што ги вратила најголемиот дел од старите долгови и инвестирала во инфраструктура, особено во секторот на образованието. За капиталните инвестиции, како што беа двата големи хотели, вели дека не се реализирале поради опструкции на централната власт што ја води ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Трендафилов-Нанче, смета дека кампањата се водела фер и демократски и дека неговиот противкандидат не сака да ги признае грешките и слабостите во водењето на Охрид во изминатите четири години.
„Во моја изборна програма се предвидени конкретни програми со рокови и затворена финансиска конструкција кои со поддршка и соработка со централната власт сигурно ќе се реализираат. Тие се во сите области и се компатибилни, зашто Охрид мора еколошки да остане заштитен со добра инфраструктура и примамлив амбиент за инвестирање, особено во туризмот. Сето тоа ќе го сработи ефикасната локална администрација што ќе ја водам јас“, вели Нанче.
Како што се приближува гласањето во вториот круг, така се вжештуваат меѓусебните обвинувања на двајцата кандидати и нивните штабови. Покрај на собирите со граѓаните, тоа го прават и на секојдневните прес-конференции, од кои најчесто известуваат локалните медиуми.
Меѓу охриѓани ретко кој се обидува да прогнозира за идниот градоначалник, а состојбата секојдневно се менува со типувањето во обложувалниците. Сепак, многумина сметаат дека е најважно во вториот круг да нема инциденти или употреба на недозволени средства и методи во кампањата кои би придонеле за лоши оцени за регуларноста на локалните избори во Охрид.
„Во Охрид беше тесно и на минатите локални избори, па така ќе биде и сега. Овие денови е најдобро да не си дома зашто некој, или од едните или од другите, сигурно ќе дојде да разговарате за политика. Но, нема бегање зашто ќе те најдат во чаршија, па дури и ако шеташ покрај езерото“, вели охриѓанец, познавач на локалните политички состојби. |