Мислења
Поглед во празно
Јосиф Ќурчиев
Дали политиката кај нас не станала само професија на оние без професија?
БЕЗ РАКАВИЦИ
Сигурно е потребно потсетување на анализите на умни луѓе кога се зборува за политиката како професија, иако можеби подобро би било да се каже, за наводното водење политика во средини кои тврдат дека се демократски. Или „политички коректно“ соопштено, се наоѓаат во фаза на се' уште кревка демократија. Ми се чини дека е (под)заборавена една книга на авторот Ѓуро Шушњиќ, која веќе во насловот кажува многу: „Рибари на човечките души“. За почеток ќе искористам еден цитат кој сметам дека особено е актуелен овде за нас, иако не би одрекол дека неговата содржина би можела комотно да важи и за други. Но, бидејќи ние сме си најважни, нека остане засега овој цитат посветен на околностите во кои се одвиваат политичките процеси тука:
„Од становиштето на хуманизмот, политиката не смее да биде ништо друго, туку претворање на можното во реално, остварување на рационалните хумани можности што ги открила и запознала човековата мисла. Политиката што не работи врз таа возвишена задача, ја губи својата смисла и се претвора во беспоштедна борба околу доминацијата на посебните интереси. Таа станува професија на оние без вистински професии, сурово школо на борбата за власт на оние кои често се без образование, простор за препознавање на оние што имаат волја за моќ. Таа станува област на отуѓување во која општествените групи, на чело со своите лидери, се борат да ја освојат, да ја засилат и да ја задржат власта. Големите духови во политичкиот живот се потиснати од големите мајстори на ситното политикантство, а личностите со длабоки политички начела им го отстапуваат местото на луѓе ’со куса памет и долги прсти‘, како што би рекол Иво Андриќ“.
Би можел тука да прекинам и да оставам секој од вас што ќе го чита текстов да побара сопствено објаснување за тоа што ни се случува. Но, ќе изнесам сопствени дилеми, повеќе во форма на прашања кои, се разбира, ама баш никој не мора да ги прифати.
Да тргнеме од почетокот на цитираното: „...политиката не смее да биде ништо друго, туку претворање на можното во реално...“. Дали во политиката што се реализира кај нас можеме да забележиме претворање на можното во реално? Што е можно за да стане реално и во исто време да одговори на потребата да се остварат рационалните и хумани можности што ги открила и ги запознала човековата мисла? Дали речиси две децении политиката кај нас не се претворила само во беспоштедна борба за доминацијата на посебните интереси? Кому можеме да му веруваме ако ги следиме секојдневните „материјални докази“ за криминал изнесувани на прес-конференции, без притоа на „независната“ судска власт око да не и' трепне? И која е тогаш целта на тие „прес-конференции“ што во информативните емисии на сите телевизии добиваат доминантно место, ако не е само оцрнување на политичкиот противник кој одамна станал омразнат непријател, со вербално ниво за кое јас немам соодветен израз? (Збор-два и за ТВ во тој контекст. Зошто, ако веќе за разни други емисии или серии во кои телевизиите предупредуваат дека можат „да ја вознемират малолетната публика“, па се препорачува присуство на родител или старател, тоа не се прави и пред информативните емисии? Или содржините од веќе спомнатите „пресови“ или грабежи на банки, убиства и распарталени тела и изобилство крв од самоубиствени атентати низ светов не се „вознемирувачки“? А, зошто уредувачките тимови не смогнат сила, па да се договорат и јавно да соопштат дека во иднина ќе ги бојкотираат изнесуваните вербални валканици на политичките непријатели.)
Дали политиката овде не станала само професија на оние без професија, „сурово школо на борбата за власт на оние кои често се без образование, но затоа простор за препознавање на оние што имаат волја за моќ“? Ајде да ја погледнеме образовната структура на нашите народни избраници! И, што би биле во реалниот живот тие и луѓето што седат во различни фотелји што им ги обезбедила власта? Така, политиката станала област за отуѓување во која општествени групи - нашите модерни феудалци - на чело со своите лидери, исклучиво се борат за власт и за нејзино задржување. Големите духови во политичкиот живот се потиснати од големите мајстори на ситното политикантство чие „незнаење е енциклопедиско“ како што гласи афоризмот на еден од најголемите мајстори на овој литературен жанр, Станислав Јежи Лец. Дали освен грст умни луѓе кои не се продадоа, интелектуалците во оваа земја молкум го следат галопот со кој се шират „метастази“? А, ако е така, тогаш зошто?
Не толку одамна во нашиот парламент можеше да се слушне и констатација дека таму не било местото на кое би се дебатирало за морал, бидејќи тој, моралот, не припаѓал во доменот на политиката!? Се надевам се чуваат сите стенограми на кажаните зборови во законодавниот дом...
За сето ова поединечно разговарав со моето блиско опкружување од педесетина луѓе чие мислење го ценам - немам можност како поединец да правам анкета од „репрезентативен“ примерок, а и чуму кога мнозинството, паушално веднаш ќе ја оцени како наместена - со прашање: во кој општествен систем би ја сместиле својата држава? Бев фрапиран од констатацијата на повеќемина од нив дека претерувам кога велам држава! „Ова е повеќе територија, но ако инсистираш, тогаш ние сме во фаза на феудализам, зашто државата е во рацете на автократи помогнати од неколкумина Фрањотахиевци кои, во зависност од интересот („од посебните интереси“ како што констатира цитираниот Шушњиќ), поддржуваат една или друга политичка опција, само да го задржат и по можност да го зголемат она што веќе го поседуваат. А, тоа најлесно се прави со блискоста кон власта. Ако веќе сакаш понапредна етапа, тогаш ние живееме во едопартиски плуралистички систем“! Последнава констатација веројатно заслужува и посебни теоретски образложенија, какви што имаше и за кои кон крајот на осумдесеттите и непосредно пред крвавиот распад на бившата федерација, пишуваа голем број политички-политикантски додворувачи, особено пред и по пропаста на единствената партија.
Пред десетина години налетав на „Едноминутна приказна“ на унгарскиот писател Иштван Еркењи, чиј наслов е „Имперфектна конјугација“ и гласи:
„Често јас само гледам во празно
Често ти само гледаш во празно
Често тој/таа/то�� само гледа во празно
Често ние само гледаме во празно...“.
Немам да ви понудам друго „наравоучение“ за сите дилеми што ги соопштив, освен ова. Но, искрено, мислам дека ни тоа не е малку, особено ако се разбере колку многу „гледаме во празно“. Доколку е така, тогаш, сепак, има шанса да ги избегнеме мрежите на рибарите на човечки души.
П.С. Честит Први мај, празникот што загина трагично во нерамна борба!
(Авторот е новинар) |