ПОСЛЕДЕН ЗБОР
Зоран Дограмаџиев
1941-2009, новинар
Во 68-та година од животот во Белград почина Зоран Дограмаџиев – Дрвце, познат македонски новинар. Дограмаџиев припаѓа на генерацијата македонски новинари кои го достигнаа врвот на професијата. Дограмаџиев оствари, како ретко кој македонски новинар, импресивна меѓународна кариера. Смртта го затече како дописник на јапонската новинска агенција Кјодо за Балканот.
Првите чекори во новинарството ги направи 1962 година во Радио Скопје. Потоа беше новинар на „Нова Македонија“ и „Вечер“, а во 1970 година премина на работа во МРТВ, каде што повозрасните граѓани го паметат по извонредните репортажи од светот и особено од Балканот. Освен што течно зборуваше англиски јазик се служеше и со арапски и индиски.
Врвот на својата новинарска кариера го достигна во Танјуг. Четири години беше дописник од Индија, од каде што секој ден испраќаше извонредни текстови. Потоа, во осумдесеттите години од минатиот век четири години известуваше од Ирак во време на Ирачко-иранската војна, кога стекна меѓународна слава. Неговите текстови се објавуваа во најпознатите светски весници и телевизиски и радиокуќи. Дограмаџиев ќе остане забележан како единствен македонски новинар кој има известувано директно од 11 војни. Почнувајќи од Авганистан и Блискиот Исток, Иран и Ирак, на крајот како дописник на јапонската агенција праќаше брилијантни анализи за наста��ите во Косово.
Неговата течна, јасна и едноставна реченица, својствена само за големи новинари, неговиот висок професионализам, брзина на реакцијата и личната храброст се пример и за големото светско новинарство кое кај нас, за жал, е на изумирање.
Зоран Дограмаџиев е еден од последните претставници на големиот македонски журнализам. Неговите илјадници текстови од најкритичните точки на светот претставуваат учебник за новинарството.
Последниот текст во македонските медиуми го напиша за „Утрински весник“, кој е објавен на 20 март 2008 година, под наслов „Време е за големата жаба“, при што даде свое гледање за проблемот на името со соседна Грција. Дограмаџиев тогаш напиша: „Македонија дојде во состојба која треба да проголта жаба - или да дозволи опкружена со соседи, со непријателски претензии, иднината да и' стане уште понеизвесна...“. „Лично сум против НАТО... но НАТО и покрај сета одбојност на лажната, неискрена замисла на Северноатлантската алијанса и горчината на залакот што треба да се голтне во случајот на Македонија значи побезбедна, помирна иднина...“.
Зоран Дограмаџиев е добитник на двете најголеми новинарски награди во Македонија „Крсте Мисирков“ и „Мито Хаџивасилев-Јасмин“.
Погребот на Зоран Дограмаџиев ќе се изврши в сабота на 21 февруари во Белград на гробиштата на Бежаниска Коса.
Извонреден другар и собеседник, боем, со својата смисла за хумор ги пленуваше соговорниците со своите доживувања и патешествија.Дограмаџиев беше личен другар со голем број светски личности и државници, меѓу кои и Индира Ганди.
Последните години негова омилена дестинација во Скопје беше кафеаната „Камин Чамо“ каде што со своите колеги беседеше за својата извонредна новинарска кариера, за новинарството и воопшто за животот.Секогаш колегијален и подготвен да помогне, Дрвце со своето новинарство влезе во македонските легенди. Беше голема чест да се биде негов биде негов другар и колега.
Е. Ризаов |