За оперирање кила, нема доаѓање во Скопје
Со новата реорганизација на болниците, болните не ќе може да ги прескокнуваат општите болници за обични операции
Јасмина Јовановска
Пациенти со кила на стомак или со воспалено слепо црево ќе мора да платат од сопствен џеб доколку сакаат да се оперираат на клиниките во Скопје. Ова се предвидува со новата реорганизација на болниците што ја подготвува Министерството за здравство, со која болните за обични операции нема да можат да ги прескокнуваат општите болници. Со сини картони пациентите ќе се лекуваат во општите болници, а на клиниките ќе се испраќаат само за испитувања и операции што не се работат во локалните здравствени установи. Болниците ќе бидат поделени во четири категории, од локални болници на најниското, четврто ниво, потоа регионални болници на трето ниво, до клинички болници на второ ниво и на првото и највисоко ниво се универзитетските клиники во Скопје.
Реоргани��ацијата на болничкиот сектор има цел растоварување на универзитетските клиники во Скопје, јасно дефиниран правец на движење на пациентите низ системот, подобра искористеност на здравствените ресурси и гарантирање на квалитетот на услугата. „Клиниките се преоптоварени и дефокусирани од основната функција. Наместо да вршат посложени интервенции од терциерна медицина, тие работат услуги и од секундарно ниво“, потенцира министерот за здравство, Бујар Османи, кој вчера ја промовира новата болничка реорганизација. Тој, сепак, не знаеше кога ќе профункционира новиот систем. „Реорганизацијата е дел од правилник“, кратко рече министерот Османи. Новиот закон за здравствена заштита, пак, е во работна верзија и за него се' уште се нема изјаснето ниту Владата.
„Со овој концепт столбот ќе бидат матичните лекари. Тие ќе добијат списоци со услугите, според кои, пациентот ќе го упатуваат до најблиската установа што е акредитирана за таа услуга или на повисоко ниво. На пример, со југоисточниот регион болницата во Гевгелија е локална болница, од каде што пациентот ќе може да се насочи кон струмичката, која е регионална болница, додека клиничката болница е во Штип е третото ниво“, објасни Османи.
Акредитацијата на болниците со која за секоја болница ќе се знае кои услуги ќе може да ги прави и ќе гарантираат за нивниот квалитетот, е завршена, но министерот Османи не сакаше да открие според кои критериуми тие се акредитирани. Со половични информации, како и при промовирање на работната верзија на новиот Закон за здравствена заштита, првиот лекар во државата излезе и за новата реорганизација. Тој само рече дека на акредитацијата на болниците работеле десетина професори. Во услови на недоволен кадар и апарати, тој не сакаше да открие како и кои болници ги исполниле условите за акредитација, а кои не, како и кои болници изгубиле дел од своите дејности. „Моментално се врши анализа на болниците за кадар“, додаде Османи. |