Приватна фирма ќе го собира ѓубрето во селата во Ѓорче Петров
Општината до крајот на годината ќе распише тендер за избор на фирма која ќе го собира отпадот на 20.000 жители
Општина Ѓорче Петров до крајот на годината ќе распише тендер за избор на фирма која ќе го собира отпадот од руралниот дел. Општи��ата веќе има подготвено физибилити студија за состојбата со отпадот во селата, каде што живеат 20.000 жители, или приближно половина од популацијата во општината.
Руралниот дел од Ѓорче Петров не влегува во секојдневната обврска за одржување на јавната чистота на претпријатието „Комунална хигиена“, како што е случајот со градскиот дел од општината. Во селата Волково, Пржина, Стопански Двор и Кисела Јабука моментно ѓубрето го собира приватна фирма која нема никаков договор со Општината. Приватникот што ја одржува хигиената склучува поединечни договори со домаќинствата кои, пак, за услугата му плаќаат по 200 денари месечно.
Сепак, потенцираат во Општината, бидејќи никој не врши контрола над начинот и термините за собирање на отпадот во овие села, се случува ѓубрето во кантите да остане и по неколку недели. Не се знае ниту дали фирмата има договор отпадот да го депонира во депонијата „Дрисла“ или, пак, тој завршува на некое диво сметиште.
„Советот на Ѓорче Петров донесе одлука да се избере концесионер за третман на отпадот во руралниот дел, откако не успеаја обидите да се прошири дејноста на ’Комунална хигиена’. Испочитувани се сите претходни постапки кои ги бара законот, како што се процена на состојбите и изработка на физибилити студија, а сега останува само распишувањето на тендерот“, вели градоначалникот Сокол Митровски. Тој објаснува дека во неколку рурални општини во Македонија оперираат сериозни фирми кои нудат поволни услови за третман на отпадот од домаќинствата кои очекуваат да се јават на тендерот.
Во меѓувреме, информираат општинските власти, стоте ангажирани сезонци, покрај секојдневната грижа за улиците, одводните шахти, тревнатите површини и дворовите на јавните установи, поликлиниката, црквата, површините околу зградите и пазарчето, работат и на расчистување на дивите депонии по селата. Два пати во неделата ги расчистуваат и коритата на реките Вардар и Лепенец од отпад. (С.Н.)
|