БИЛИ АЈДОЛ
Концерт на Кале или во „Метрополис арена���?

Во текот на денешниот ден, а во зависност од временската прогноза, „Авалон продукција“, организатор на настапот на Били Ајдол во земјава, кој е закажан за утревечер на скопско Кале, ќе одлучи дали концертот ќе се одржи на првобитната локација под отворено небо или во последен момент во игра ќе влезе „Метрополис арена“. Во секој случај, „Авалон“ ништо не остава на случајноста, па така бини се местат на двете спомнати локации. Место за паника нема зашто токму денеска сите што ќе бидат дел од рок-спектаклот навреме ќе се информираат во кој правец да се упатат.
Концертот на легендарниот британски рокер е еден од долгоочекуваните и посакуваните музички настани во земјава. Били Ајдол ќе ја посети Македонија во состав на својата европска турнеја на која, покрај бендот, го придружува и легендарниот гитарист Стив Стивенс. По Скопје, Ајдол веднаш ќе отпатува на концерт во Белград (21 јуни), ден подоцна ќе настапи во Загреб, а на 23 јуни во Љубљана.
Вратите за сите посетители утревечер ќе бидат отворени во 19.30 ч., а официјалниот почеток на концертот е закажан во 21 ч., за кога е предвиден настапот на членовите на групата „Психомодо поп“. Ајдол се очекува да се појави на бината во 22 ч., а неговиот настап е предвидено да трае околу еден и пол час во која големата ѕвезда ќе изведе бест оф програма. (К.Ш.) |